По редовната пауза продолжува расправата по ребалансот на Буџетот

Од:

По редовната пауза се очекува на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет да продолжи расправата по вториот ребаланс на Буџетот годинава со кој треба да се овозможи спроведувањето на четвртиот пакет мерки за справување со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето истакна дека целта на четвртиот пакет мерки е да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да се закрепнат одредени дејности и да обезбеди стабилност на социјалните трансфери.

– Таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз погодените домашни компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор, рече Бесими.

Оценката на опозицијата е дека ребалансот е популистички и оти не се фокусира на она што значи раст на БДП. Обвинија за неуспех и на првите три сета мерки кои, како што посочија, се исккористени едвај 33 проценти.

– Буџетите што ги планира оваа Влада не ги даваат очекуваните резултати. Граѓаните секојдневно реагираат за се понамалена потрошувачка кошница и за се поголемата неизвесност која ја имаат, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ рече дека финансиската поддршка ќе оди кај големите компании, а не и кај микро, малите и средни компании кои се најпогодени од кризата.

– Ова е буџет на сите граѓани и треба да ги тргнеме политиките и собирањето на политички пеони настрана. Да направиме соодветен буџет, да направиме добро за граѓаните. Короната се шири, потребни се мерки без популизам, рече Пренџов.

Пратениците од СДСМ возвратија со реплики и образложенија дека мерките се креирани со дебата и во консултација со стопанските комори и со синдикатите. Според нив, првите три сета мерки ги дале очекуваните резултати и се амортизирани пвите удари од кризата.

– Навремено се реализирани сите три сета мерки. Да не заборавиме дека на компаниите им беше овозможена комбинација од одредени мерки. Ребалансот овозможува да се обезбеди помош онаму кадешто е најпотребно. Секаде да се помогне и ниедна погодена дејност да не биде изоставена. Во ова време сите треба да носиме храбри одлуки, а ова е една од нив, рече Сања Лукаревска од СДСМ.

Со предложениот ребаланс, приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс. Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, расходите на 253 милијарди денари , а дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП. Потребните средства за реализација на четвриот пакет се обезбедени со реалокација на неискористените средства од сите институции.

Расправата за ребалансот на Буџетот се одвива во собраниската Комисија за финансирање и буџет како матична комисија. Согласно Деловникот за работа на Собранието, расправата може да трае најмногу десет работни дена. За ребалансот се поднесени околу 170 амандмани.

Би можело да ве интересира

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Лефков: Во Буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година