Германската компанија „ОДВ Електрик“ денеска во Технолошко индустриската зона Охрид/Струга кај Мислешево ја отвори новоизградената фабрика за производство на електронски компоненти за автомобилската индустрија.
Станува збор за гринфилд инвестиција во вредност од три милиони евра, во кој функционираат седум производствени линии со вкупно 220 вработени.
Мартин Ехрет, главниот извршен директор на „ОДВ Електрик“ во обраќањето пред присутните на свеченоста појасни дека покрај во изградбата на објектот вложени се и 1,7 милиони евра во опрема, од која голем дел произведена во филијалата на компанијата во Украина.
Тој најави дека во блиска иднина „ОДВ Електрик“ планира реализација на дополнителни два важни проекти што предвидуваат нови процеси и предзивици, а за кои рече дека ќе го потврдат стратешкото значење на денеска отворениот производствен погон за самата компанија.
– До крајот на 2017 година ќе бидеме околу 250 колешки и колеги, а до крајот на 2018 ќе бидат вработени околу 300 соработнички и соработници. Ова ја покажува целата динамика на „ОДВ“, но исто така и неопходноста од дополнителни квалификувани колешки и колеги од Македонија. Како инвеститори посакуваме и понатаму добра соработка со сите институции во Македонија, со цел целосно да ги ангажираме можностите создадени тука, истакна Ехрет.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во име на Владата посака успешна работа на новиот производствен капацитет, најавувајќи уште поголема поддршка на инвеститорите што ќе решат својот бизнис да го прошират во Македонија.
– Компаниите како „ОДВ Електрик“ се добредојдени во Македонија, тие и натаму ќе бидат сестрано поддржани. Го охрабрувам „ОДВ Електрик“ и сите други странски инвеститори и натаму да инвестираат во Македонија, за што ќе имаат поддршка од Владата во сите сегменти, истакна Анѓушев.
Осврнувајќи се на фактот што повеќе странски компании веќе во Македонија работат на производство на кабли за потребите на автомобилската индустрија, Анѓушев истакна дека можеби се создадени услови за отворање капацитет во земјата што би произведувал токму репроматеријали за потребите на веќе отворените капацитети.
– Практично тоа се идеите на кои ќе работи Владата, како да обезбеди поголема соработка на домашните компании, независно дали нивната сопственост ќе биде странска или домашна, туку тие да бидат дел од синџирот на набавки и на тој начин да се создадат што поголеми економски придобивки, рече тој, притоа повикувајќи ги странските инвеститори да придонесат со сопствените искуства во реализирањето на таквите идеи.
Компанијата „ОДВ Електрик“ својата филијала во Охрид ја основаше во јуни 2014 година, а со пробно производство на авто-компоненти во веќе постоечки капацитет во Охрид почна во јануари 2015 година. Градбата на новата сопствена фабрика во ТИР-зоната Охрид/Струга со површина од 10 илјади метри квадратни започна во октомври 2015 година.