Околу 560 лица од Куманово се пријавиле во здружението на стечајни работници „Унит“ и доставиле евидентен лист за остварениот стаж во една од поранешните кумановски компании за да ги користат поволностите од предлог-законот за стечајци што неодамна го усови Владата.
– Очекуваме да се пријават близу 600 стечајци од поранешните „ЗИК“, „ЧИК“ „Киро Фетак“, „Биброк“, „Амбалажа“…, со оглед дека Куманово во минатото беше еден од најголемите индустриски центри.Потребно е да донесат обрасци од ПИОМ за остварен стаж, кои потоа ќе бидат доставени до Центарот за вработување за полесна евиденција“, изјави Лилјана Георгиевска од „УНИТ“.
Со предлог-законот е предвидено околу 3.000 лица на ниво на државата да добиваат 7.596 денари месечно за што се обезбедени средства во Буџетот, а ќе бидат опфатени невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, заклучно со 31 декември 2016 година.
Невработеното лице треба да има 15 години стаж и до стапувањето на сила на овој закон да има 52 години (жена) или 55 години (маж), ако работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година и доколку остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година и кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина.