Охрид, најпосетуваната туристичка дестинација во земјата, првпат новогодишните и божиќните празници ќе ги мине без вообичаените организирани забави и семејни собири, согласно протоколите што ги одреди Владата како мерка за спречување на натамошно ширење на коронавирсот.
Новонастанатите услови наметнати од епидемијата резултираа со одлука на Комисијата за заразни болести за затворање на угостителските објекти во 18 часот, како и забрана за работа на рестораните и баровите во хотелите после 21 часот. Истовремено забрането е и групирање на плоштадите и јавните места, така што нема да има ниту дочек на Новата година на отворено, нешто што беше вообичаена практика во сите поголеми места и туристички центри. Мерките за спречување на ширењето на епидемијата не забрануваат движење на граѓаните и туристите, но во колкава мера тоа ќе значи дека сепак ќе има гости на охридската ривиера.
За сите оние што планираа да дојдат во Охрид важат истите правила, да ги минат празниците без организирање забави, што може да одврати голем дел од потенцијалните гости да се откажат од намерата да дојдат тука. Оние што сепак ќе решат да дојдат за да избегаат од секојдневието и тие неколку празнични дена да ги минат во прошетки низ градот и покрај Езерото.
Како и да е, очекувањата на угостителите и на хотелиерите е дека доаѓањето на гости во Охрид ќе биде индивидуално и во далеку помал број споредбено со изминатите години кога во градот и на крајбрежјето доаѓаа и по десет илјади гости за новогодишните празници. Со оглед на општата ситуација наметната од епидемијата и забраната за организирани прослави, тоа ќе биде без некаков позначаен импакт врз туристичкиот промет.
Охридските угостители најавија дека ќе ги почитуваат сите мерки и протоколи што ги наложи Комисијата за заразни болести, но забележуваат дека скратувањето на работното време на нивните објекти само ќе придонесе за уште поголем ризик од појава на нови кластери на коронавирусот. Нивниот став, идентичен на ставот на Комората на угостителите во земјата, е дека воведувањето рестриктивни мерки без истите да бидат проследенисо соодветна финансиска поддршка, ќе ги доведат угостителите и бизнисите од пропратните индустрии во целосен колапс.
Михаил Мишев, претседател на здружението на угостители „Охридски еснаф“ со оценка дека органичувањето на работењето на кафеаните, кафулињата, рестораните само ќе насочи оние што би морале да се придржуваат кон протоколите предвидени за угостителите, да се самоорганизираат со забави по куќи, викендички, закупени станови и на тој начин само да се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот.
– Ние сметаме дека е подобро во овие вонредни услови на епидемија да се има некаква контрола на забавите отколку тоа да се прави без каква било контрола по приватни објекти. Подобро на некој начин да се канализира однесувањето на луѓето за празниците отколку да се остави тоа да се прави на своја рака, до што ќе дојде доколку се спроведат предвидените мерки, вели тој.
Хотелските капацитети што изминатите години биле целосно закупени и исполнети и десетина дена пред празниците, свесни за новата реалност и без некои поголеми очекувања за некаква позначајна посетеност.
Зоран Манев, менаџер во хотелот „Инекс Олгица“ вели дека независно мерките нивните сместувачки капацитети ќе бидат на располагање на сите што ќе решат тука да минат неколку дена за празниците. Смета дека иако нема да има организирани забави ниту групни гостувања, тоа не мора да значи дека нема да има посетеност. Појасни дека изминатите неколку викенди хотелите на Охридската ривиера забележале солидна посетеност од домашни гости, што го искористија последниот рок за да ги потрошат ваучерите што им ги додели државата како помош за туристички патувања. Досегашните резервации направени по телефон или закуп на соби преку Интернет покажува дека интересот е доста слаб, што не значи дека таква ќе биде ситуаацијата и за самите празници, дотолку повеќе што практика на домашните гости е одлуката за тоа каде ќе ги минат празниците генерално ја носат во последен миг.
Извесно е дека посетеноста на Охрид и сместувачките капацитети на крајбрежјето овие новогодишни празници ќе биде далеку послаба од изминатите, последица на новата реалност наметната од епидемијата. Секако дека во Охрид ќе има гости од другите градови на земјата, можеби мал број гости од соседните држави, но најмногу оние имаат свои индивидуални станови или викендички. Евентуално зголемена посетеност може да има и од западноевропските држави каде исто така на сила се вонредни мерки, пред се нашите иселеници кои карантинот би го искористиле за посета на родниот крај.
Сепак, доколку се занемари амбиентот, тоа што градот е накитен со новогодишни украси, што на Градскиот плоштад го красат типизираните тезги од новогодишниот базар, новогодишните и божикните празници оваа година во Охрид гледано од економски аспект не се очекува да бидат ништо повеќе од продолжен викенд.