Македонската туристичка понуда ќе биде дел од големиот 37-ми по ред Меѓународен саем за туризам што од утре до 22 овој месец ќе се одржува во Белград.
Во рамки на манифестацијата Општина Охрид ќе ја организира традиционалната Охридска вечер. На вечерта што ќе се одржи во ресторанот „Језеро“ на Ада Циганлија, предвидено е присуство на претставници на дипломатскиот кор, познати личности од политичкиот и јавниот живот во Белград, хотелиери, угостители и тур-оператори од повеќе земји-учеснички на саемот.
– Нашата стратегија е што повеќе да ги користиме туристичките саеми како можност за промоција на Охрид како атрактивна дестинација. Оваа недела почнуваме со промоција на Охрид на саемот во Белград, веројатно ќе следи Сараево, Љубљана, Осло, Европскиот парламент, Тел Авив, Москва и во некои други градови. Цел е покрај Охрид да се презентираат и можностите на поширокиот регион, со што ќе се збогати туристичката понуда, изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Тој смета дека покрај учеството на големи саеми неопходно е изнаоѓање алтернативни форми за презентација на туристичката понуда како што се непосредни средби со тур-оператори, новинари и други чинители од земји што се сметаат за потенцијални емитивни подрачја за развој на туризмот.
На саемот во Белград покрај претставници на охридската локална самоуправа ќе учествуваат и околу четириесетина претставници од локалниот туристички бизнис-сектор.
Инаку, Белградскиот саем за туризам е најголемата туристичка манифестација во Југоисточна Европа, чие речиси четиридецениско постоење ги исполнува светските стандарди во деловниот бизнис, градејќи партнерски односи со излагачите, а со квалитетната понуда и разновидните настани во рамки на манифестацијата секоја година привлекува се повеќе посетители. Оваа година на саемот ќе се претстават рекордни 1.031 излагачи, од кои 291 странски од 53 држави од целиот свет.