Клубот на истражувачите формиран од Народната банка ја одржа 37. сесија која поради условите поврзани со пандемијата на Kовид-19, се спроведе видеоконференциски, со што се овозможи на неа да учествуваат поголем број учесници.
–Народната банка има цврста определба, и во услови на „новата нормалност“, да продолжи со активностите во областа на истражувачката активност. За таа цел, продолжуваме без прекини со одржувањето на Клубот на истражувачите, што поради околностите е во виртуелен формат. Всушност, токму во вакви кризни околности, потребата од истрaжувачка и аналитичка активност е особено големa, бидејќи таа претставува една од клучните основи за носење одлуки од страна на носителите на политиките, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, во поздравното обраќање.
Таа, како што соопшти Народната банка, накусо се осврна и на содржината и заклучоците од истражувачкиот труд „Влијанието на капиталните текови врз домашните инвестиции во избран примерок од земји во транзиција“, од авторките Весна Стојчевска и Тијана Анѓелковска, презентиран по поздравното обраќање на гувернерката.
Мотив за изработката на овој истражувачки труд, како што беше посочено на сесијата, е значењето на капиталните текови за нивото на капиталот во една економија и нивната улога во поттикнувањето на економскиот раст. Трудот на Стојчевска и Анѓелковска се фокусира на анализа на директното влијание на капиталните текови врз домашните инвестиции. Како што беше посочено во презентацијата на сесијата, за потребите на анализата е изградена база на панел-податоци од избрани 18 земји, сите од групата транзициски и посттранзициски економии. Податоците се однесуваат на периодот од 1991 до 2018 година, а со примена на економетриски методи е направена оцена на врските помеѓу одделните категории.
–Генералниот заклучок од примерокот е дека капиталните текови имаат одредено позитивно влијание врз домашните инвестиции, при што се оценува дека финансиските заеми имаат најголем ефект врз домашните инвестиции, посочи Весна Стојчевска, која во името на двете авторки го презентира трудот, образложувајќи ги заклучоците.
По презентацијата, меѓу учесниците се водеше и дискусија за влијанието на капиталните текови врз домашните инвестиции, поттикнато од заклучоците на Стојчевска и Анѓелковска.
Следната сесија на Клубот на истражувачите е во март 2021 година.