Предлогот на Стопанската комора за укинување на можностите Екстра лесното гориво или црвената нафта да се користи како погонско гориво, освен економски има и еколошки аспект.
Изедначувањето на акцизата на црвената нафта и дизелот, освен поголеми приходи во буџетот, според пресметките на Стопанската комора може да резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати од 50 илјади килограми, на 500 килограми на годишно ниво.
Но, зошто е тоа така, односно што е разликата меѓу дизелот и екстра лесното гориво.
Освен разликата во цената од 11,5 денари (од кои девет денари е во акцизата) меѓу еуродизелот и маслото за греење или екстра лесното гориво има и три клучни разлики во техничките карактеристики на овие горива кои се однесуваат на нивната чистота и согорување.
Дизелот што се продава на бензиските станици во нашата држава мора да ги исполнува минимум Еуро 5 нормите за издувни гасови кои се пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590, односно не смее да содржат повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека Екстра лесното – 1 гориво, што е наменето за домаќинства и индустрија и има црвена боја не смее да содржи над 0,1 % м/м сулфур што е еквивалент на 1 000 милиграми на килограм.
Основните три разлики во техничките карактеристики меѓу овие две горива се цетанскиот број, содржината на сулфур и точката на течење.
Цетанскиот број значи брзината на палење под притисок. Колку е повисок толку полесно согорува во моторот. Еуродизелот со квалитете ЕН 590 законски мора да има минимален цетански број – 51, додека за „црвената нафта“, како што е народски познато Екстра лесното горивo тоа не е пропишано со закон, но се движи околу 40.
Количеството на сулфур се однесува на тоа колку горивото загадува при согорување. Повеќе сулфур, повеќе загадување на животната средина. Разликата во дозволеното количество сулфур меѓу дизелот и екстра лесното гориво е 100 пати. Дизелот законски не смее да содржи повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека екстра лесното – 1 000 милиграми на килограм. Тоа значи дека екстра лесното загадува 100 пати повеќе од дизелот.
Трета битна разлика е точката на течност, односно густината или меѓу народот познато како замрзнување на горивото. Кај еуродизелот иако законски пропишан минимум во зимски период е -15 степени, модерните дизел горива со адитиви немаат проблем со течноста и до – 25 степени во зимскиот период. Кај екстра лесното гориво оваа точка е на – 7 степени, а поради присуството на разни нечистотии, парафини и слично може да дојде до појава на кристали и запушување на филтрите за гориво и системот за довод и при првите пониски температури во зима.