На Коридорот 10, односно од Табановце до Гевгелија, од утре и официјално патарина ќе може да се плати без застанување, најави Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Електронската наплата почнува на сите четири патарини на Коридорот 10, но истовремено останува и плаќањето со пари. За плаќање без застанување возачите ќе мора да купат тагови кои се всушност налепници, да ги постават на видливо место во возилата и да ја намалат брзината кога ќе дојдат на патарина.
„ Кога возачите со тагови во возилата ќе се приближат на патарина треба да ја намалат брзината, односно да не возат побрзо од 25 километри на час. Читачот ќе ги регистрира и ќе ја одземе потребната сума кога ќе се доближат на 20 метри од него. Истовремено возачите ќе може да плаќаат и со картички, но за да платат патарина ќе мора да ги доближат до читачите кои се поставени на пристапни места. Здржувањето не треба да е повеќе од неколку секунди, но за плаќање со картичка сепак треба да се застане. На сите патарини, паралелно со електронската наплата ќе може да се плати и со пари“, објасни директорот Китанов.
Електронската наплата на четирите патарини на Коридорот 10 пробно е пуштена во употреба веќе една недела, но Китанов вели дека утре тоа ќе го направат и официјално.
„Ќе дадеме детални објаснувања за електронската наплата, а од утре картичките и таговите кои сега се продаваат само во контролниот центар Петровец, ќе може да се купат на секоја патарина, а во преговори сме да се продаваат и на бензински станици“, вели директорот Китанов.
Тагот чини 1200 денари и има рок на важност од 7 години, а за картичките возачите ќе мораат да платат 100 денари, а потоа да ги надополнуваат. Тие имаат неограничен рок на траење. Надополнувањето и на тагот и на картичката може да се прави со најмалку 300 денари.
Освен на патарините Романовце, Петровец, Сопот и Градско, електронска наплата е пдоготвена и на новата патарина кај Гевгелија. Таа се уште е во изградба, а директорот Китанов вели дека за многу време ќе биде пуштена во употреба. Оваа патарина ќе биде најскапа. Возилата од прва категорија тука ќе плаќаат по 100 денари па за патарина од Табановце до Гевгелија ќе треба да се одвојуваат по 340 денари.
Директорот Китанов вели дека електронска наплата стартува само на Коридорот 10 оти само за овој коридор бил распишан тендерот за дигитализација на патарите.
„Откако ќе ја затвориме финансиската конструкција за дигитализација и на патарините на Коридорот 8, веднаш ќе почне поставувањето на опремата. Очекувам до пролет и на овој коридор веќе да биде воведена електронска наплата“, најави директорот Китанов.
Модернизација на патарините почна да се најавува пред десет години и со години властите наоѓаа различни оправдувања за тоа што патарините не беа дигитализирани. Модернизацијата чини 17,8 милиони евра од кои 10 милиони се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а останатите се издвоени од буџетот. Наплатните станици ги дигитализираше турската фирма „Аселсан“.