Нови владини мерки за подобрување на бизнис климата и деловното опкружување

Од:

Нова реформа чија цел е поедноставување на постапките за основање фирма во Централниот регистар на Република Македонија, и намалување односно укинување на трошоците на субјектите за регистрација на фирма доколку се изведе на начинот кој се пропишува со оваа нова реформа, усвои Владата на поседната седница, а се веќе доставени и во собраниска процедура.

Како што информира на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, досега фирма се основаше, односно впишуваше во Централниот регистар по електронски пат и во хартиена форма, односно со достава на поднесокот на самиот шалтер на Централниот регистар или неговите подружници. Со новата реформа, покрај постоечките се дава и нова можност, односно субјектот, кој сака да основа фирма тоа да го направи и преку специјализирани регистрациони агенти.

– Очекуваме дека со оваа реформа Република Македонија ќе оствари нов позитивен чекор во делот на оценката за бизнис климата и деловното опкружување, и дека ќе се остварат позитивни ефекти и за субјектите кои сакаат да основаат фирма, ќе се зголеми бројот на електронско основање на фирма и електронско постапување во сферата на бизнисот и дека ќе се остварат и повеќе позитивни ефекти во поглед на работата на дејноста на сметководителите, рече Ѓорѓиев.

Регистрационен агент, како што е предвидено, може да биде субјект, кој ќе поднесе барање до Централниот регистар за добивање овластување за вршење дејност на регистрационен агент и притоа да ги исполнува следните услови: да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво, да има вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно законот за вршење на сметководствени работи, да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис. Тој треба да има потпишано и изјава за заштита на личните податоци, пред почетокот на работата.

Според Ѓорѓиев, реформата е димензионирана за да може регистрациони агенти да бидат сметководителските друштва, односно секој субјект(сметководител), кој има добиено лиценца за вршење на дејноста. Таа е разгледувана и поддржана од страна на Комората на сметководители што дава поголема гаранција на нејзиниот квалитет и очекуваната успешност.

– Со реформата, во идниот период, доколку некој субјект сака да основа фирма, тогаш тоа што треба да го направи е да отиде кај сметководител, кој има добиено овластување да биде регистрационен агент, и да изјави волја да основа и регистрира фирма и да се идентификува. Понатаму, сметководителот-регистрационен агент во име на субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе ги преземе сите понатамошни чекори за впишување на фирмата во Централниот регистар, односно ќе ги обезбеди и пополни пријавата и прилозите кон пријавата и ќе ја поднесе пријавата по електронски пат. На тој начин субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе го направи тоа без никаков трошок, бидејќи сметководителот-регистрационен агент нема да му наплати за неговиот труд и нема да има трошок за регистрација затоа што сметководителот веќе поседува електронски дигитален сертификат за потпис за поднесување на документација по електронски пат, кој се разбира го користи за други видови работа во врска со неговата дејност и претходно, појасни владиниот портпарол.

Сметководителот-регистрационен агент, додаде, ќе има овластување пријавата и прилозите кон истата изворно да ги достави, да ги потпише со негов електронски потпис и да ги поднесе. Сметководителот-регистрационен агент во постапката за упис покрај поднесување на пријавата ќе има овластување да го утврдува идентитетот на учесниците, а секоја пријава поднесена од негова страна ќе биде третирана како веродостојна, односно оригинална.

– Со оваа реформа се остваруваат повеќе цели: субјектите кои ќе се решат да основаат и регистрираат фирма на овој начин, преку сметководител кој е регистрационен агент, тоа ќе го направат без трошок, се поедноставува постапката и со новата реформа за основање и регистрација на фирма потребен е само еден чекор и се надминува територијалниот јаз на можноста за основање на фирма, односно се врши децентрализација на можноста.

Имено, Централниот регистар има 10 подружници во кои можеше да се достави на шалтер поднесок за отворање фирма, а сега ќе може од секое место каде што има сметководител-регистрационен агент да се искористи оваа можност. Покрај 10 града каде што има подружници на Централниот регистар, тоа ќе може да се направи и во другите градови каде нема подружници, но и во помалите населени места каде има сметководител-регистрационен агент.

Она што е дополнително значајно, потенцира владиниот портпарол, е дека на овој начин се овозможува почетен консалтинг, односно вертикална и хоризонтална интеграција на пазарот. Субјектот кој ќе регистрира фирма преку сметководителот-регистрационен агент, веднаш доаѓа во контакт со него, се воспоставува однос и може да користи и други негови совети и услуги за развој и водење на неговиот бизнис, како што се сметководствени работи, финансиски консалтинг доколку го има и слично, прашања кои двете страни доколку сакаат да стапат во контакт на друго ниво ќе ги уредат дополнително согласно процедурите кои ги дефинираат видот и обемот на услуги, надоместокот за тие услуги и слично, појаснува портпаролот Ѓорѓиев.

Би можело да ве интересира

Влада: 250 милиони евра за 357 понудени проекти

Град Скопје поднесе 20 проекти на јавниот повик на Владата

Влада: 84.000 државни административци ќе добијат по 11.000 денари К15

Горан Наумовски

СДСМ: Дали Владата планира да именува национален координатор за координација на координаторите?

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада