Владата донесе нов ребаланс на Буџетот кој го достави на усвојување во Собранието за да се спроведе четвртиот сет антикризни мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Приходите со новиот, втор ребаланс годинава поради корона-кризата, се пониски за 0,2 отсто во одннос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс и потребен за финансирање на мерките. Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува брзо усвојување од страна на Парламентот за тпобрзо усвојување, за што побрзо започнување со четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија.
Министерот за финансии на прес-конференција на која го претстави предлог ребалансот на Владата вчера увери дека финансирањето е обезбедено и дека сите обврски ќе се реализираат согласно планираното, а преку реализацијата на предвидените мерки од четвртиот пакет ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно амортизирање на социо-економскиот удар од пандемијата, додека следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.
-Буџетот ќе се финансира на стабилна основа и сите обврски ќе се финансираат стабилно кон сите. За се што е потребно се обезбедени извори на средства, рече министерот.
Тој потенцира дека ќе нема потреба од надворешно задолжување, туку дека потребните средства ќе се обезбедат од дома.
-Со новиот пакет антикризни мерки одиме со дополнително зголемување на буџетскиот дефицит кој се згоемува за 200 милиони евра кој делумно ќе се финансира од депозити и од домашно задолжување. Од депозити се обезбедуваат 100 милиони евра и до 150 милиони евра преку домашно задолжување, зависно од тоа колку би биле потребите, рече министерот Бесими, додавајќи дека од предвидените 300 милиони евра депозити за наредната година 100 милиони ќе се искористат годинава, а 200 милиони евра ќе се префрлат за наредната година.
Со овие интервенции јавниот долг на крајот на годината се проценува на 59,5 отсто од БДП.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повисоки во однос на ребалансот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.
Министерот потенцира дека направените измени се за спроведување на акивностите од четвртиот пакет мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат во спроведување брза излезна стратегија за кога, како што рече, која кризата ќе заврши да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.
Средства за реализација на мерките се обезбедени и преку реалокација од институциите за ставки кои нема да се реализирале до крајот на годината и не ја попречуваат основната дејност, како и кај капиталните инвестиции, каде се скратени ставките за кои со сигурност е дека нема да се реализираат до крајот на годината.
Во новиот ребаланс се распределени средства за предвидените мерки од четвртиот пакет, односно за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата – 4,3 милијарди денари или 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори – 1,6 милијарди денари или 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња- 412 милиони денари или 6,7 милиони евра, за поддршка на туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност- 9,8 милиони денари или 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања – 120 милиони денари или два милиони евра, за акедонски викенд шопинг со МојДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари – милијарда денари или 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик – 799 милиони денари или 13 милиони евра, за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – 330 милиони денари или 5,5 милиони евра.
Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19. Притоа, капиталните расходи на ниво на основниот буџет се на исто ниво.
Од пакетот мерки од четвртиот сет планирано е првата мерка да биде „Викенд без ДДВ“, кој ќе се реализира претстојниот продолжен викенд.
За него се планриани 17 милиони евра, за што завчера на седница на Владата се поминати закоски измени кои се доставени до Собранието.
За останатите мерки, како што рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши Министерство за економија, имајќи предвид дека реализира неколкуте мерки кои произлегуваат од четвртиот сет, веќе е во преговори за критериумите со стопанските комори и ги подготвуваат програмите.
-Кога ќе биде усвоен ребалансот, веќе следниот ден ќе ги утврдиме програмите и ќе почнеме со реализација, изјави Бектеши.