НБРМ испрати појаснување на објавениот текст за набавка на млечни чоколади, букети и венец.
„Ве известуваме дека набавките на млечни чоколади и на цвеќе и цветни аранжмани не се новитет и НБРМ ги реализира повеќе години наназад. Впрочем, набавка на цвеќе и цветни аранжамни вршат сите институции во Република Македонија, а не само Народната банка. Во случајов, истото е потребно поради запазување на протоколите при одбележување значајни датуми (потсетуваме дека гувернерот или лице овластено од него редовно оддава почит при одбележување на значајни историски датуми), запазување на протколите при организирање на некои од настаните во/на Народната банка (станува збор за десетици настани, а не за еден настан) и други активности коишто подразбираат почитување не само на домашни, туку и на меѓународни протоколи. Значи, не станува збор за цвеќе и цветни аранжамни коишто се набавуваат за еден настан, туку за цвеќе и цветни аранжмани потребни во текот на цела една година (во случајов станува збор и за последователна набавка), од денот на потпишување договор со економски оператор.
Во однос на млечните чоколади, Ве известуваме дека исто како и цвеќето и цветните аранжани, потребни се не за еден настан, туку за низа настани коишто се организираат во текот на цела една година, од денот на потпишување договор со економски оператор. Станува збор за мини млечни чоколади кои се обвиткани во хартиена фолија со логото на Народната банка и слики на банкноти, коишто по примерот на многу централни банки, и НБРМ ги користи за репрезентативни, односно протоколарни цели уште од 2012 година. Мини млечните чоколади се потребни при посетите на ученици и студенти коишто доаѓаат во рамки на активностите за финансиска едукација (просечно, по 2000 ученици и студенти годишно во изминатите две години, а веќе се најавени и голем број посети во престојниот период годинава), децата од предучилишна возраст, учениците и студентите коишто го посетуваат Музејот на Народната банка и најмал дел од млечните чоколади се користат за послужување на официјални гости на раководството на Народната банка. Нагласуваме дека мини млечните чоколади се само една од брендираните форми на материјал за репрезентативна и протоколарна намена коишто мноштво централни банки ги користат, при што е и една од најевтините. Потсетуваме дека користењето вакви брендирани производи коишто имаат репрезентативна намена или се користат за протоколарни цели, не се новост и во Република Македонија, туку веќе години наназад ги користат низа државни и јавни институции.
Нагласуваме и дека критериум и за двете набавки е најниска цена“ се вели во соопштението на Народната банка на Република Македонија.