НБ: Поставеноста на монетарната политика соодветна на макроекономските услови

Од:

Движењата кај основните макроекономски параметри се главно во рамките на очекувањата, а последните проекции не упатуваат на поголема промена на макроекономската слика во споредба со претходните оцени. Неизвесноста од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и понатаму постои, додека ризиците се поизразени и главно надолни, затоа Народната банка (НБ) продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

Ова е главниот заклучок на вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на која беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата, како што информираат од НБ, беше оценето дека тековното ниво на основната каматна стапка е соодветно на макроекономските и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане на нивото од 1,25 отсто. Со тоа, монетарната политика и натаму е олабавена, придонесувајќи за поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата повторно беше оценето дека во отсуство на притисоци од побарувачката, умерените нагорни придвижувања на инфлацијата се привремени и засега се должат на фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција за овие ценовни движења, но и натаму постои потребата од будно следење на инфлацијата.

-На седницата беше потврдено дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна на пазарните движења, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, соопшти НБ.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, се вели во соопштението, бруто домашниот производ (БДП) во првата половина од годината оствари раст од 5,2 отсто, а тековните оценки за третиот квартал на 2021 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст на економската активност во овој период, видливи преку расположливите високофреквентни податоци, пред сѐ во делот на личната потрошувачка. Економското закрепнување би продолжило и во следниот период, со стапки на раст од 3,9 за оваа и следната година и пoстепeно би достигнало 4 отсто на срeдeн рок.

-Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ октомври, годишниот раст на цените изнесува 2,9 отсто, во просек. Засега се оценува дека ценовните притисоци главно се поврзани со фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. Притоа, нагласена е неизвесноста и променливоста во движењето на светските цени на примарните производи, пред сѐ на енергенсите, во следниот период, поради што е потребно нивно будно следење. Според последните проекции, во кои се вградени претпоставките за позначителен раст на увозните цени во текот на оваа година, домашната инфлација и натаму би била умерена и во контролирани рамки и би изнесувала 3,1 и 2,4 отсто во 2021 година и 2022 година, соодветно, па постепено би се свела на историското ниво од околу 2 отсто на среден рок, прецизираат од НБ.

Девизните резерви, додаваат, и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона.

-Од почетокот на годината, девизните резерви бележат зголемување. Оцените за надворешната позиција на економијата, согласно со досегашните остварувања, и во рамките на овој циклус проекции се поволни. Сепак, последните оценки упатуваат на малку поголем дефицит во тековната сметка, особено во текот на 2021 и 2022 година, заради поголеми увозни притисоци од побарувачката од очекуваните и поголем ефект врз билансот на плаќања од сѐ повисоките цени на енергенсите. Во рамките на најновите проекции, се очекува дека дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања умерено ќе се продлабочи во 2021 година на 3,8 отсто од БДП и ќе се задржи на истото ниво во 2022 година, по што би се движел околу 2 отсто од БДП на среден рок, нагласуваат од НБ.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, посочуваат, првичните податоци за октомври 2021 година покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, а согласно со последните оцени овој поволен тренд би продолжил и во следниот период, со просечен годишен раст на депозитите и кредитите од 7,4 и 7,0 отсто, соодветно, во периодот 2021 ‒ 2023 година.

На девизниот пазар, истакнуваат, беше забележан нагорен тренд на пазарната активност, што соодветствува со надворешното економско окружување на домашната економија. Во текот на октомври, банките ја задоволија зголемената побарувачка за девизи најмногу од сопствените девизни средства, а делумно и преку интервенции на Народната банка за продажба на девизи.

-Во октомври, во центарот на вниманието на учесниците на меѓународните финансиски пазари беа динамиката на инфлацијата на глобално ниво, очекувањата за скора најава на ФЕД за затегнување на монетарната политика во САД и зајакнатите согледувања за повлекување на монетарниот стимул во светски рамки. Во такви околности, цените на државните обврзници издадени во еврозоната и во САД и понатаму бележеа намалување (нивните приноси растеа), а кај вредноста на американскиот долар во однос на еврото продолжи трендот на умерен раст, велат од НБ.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски