Дополнителниот заменик министер за финансии во оставка, Кире Наумов, за денешната аукција на државни хартии од вредност рече:
Министерството за финансии и денес ги задолжи граѓаните со нови 1,2 милиони евра. Втора недела по ред се запишуваат нови долгови и покрај тоа што не доспеваат државни хартии од вредност за враќање. Сеуште нема никакво објаснување за која намена се средствата од новите задолжувања.
Веќе наредната недела, со оглед на состојбата на државната каса, се очекува ново задолжување од 100 милиони евра.
Финансиската состојба дополнително ја усложнија и одлуките на меѓународните финансиски институции да прекинат со кредитирање до завршувањето на изборите.
Доколку Министерот за финансии ги прифатеше моите сугестии сите задолжувања да бидат со заедничка согласност, како со издавањето на еврообврзницата, довербата кај странските кредитори немаше да биде нарушена.
Самоволната одлука на Министерот за финансии ги стави во незавидна ситуација и домашните кредитори. Од една страна е можноста да запишуваат домашни хартии од вредност со зголемени камати, а од друга страна е правната несигурност околу законитоста на овие задолжувања, за кои во тек е постапка и пред Управниот Суд на РМ и за кои нема согласност од мене, како дополнителен заменик министер за финансии.
Непочитувањето на законите ја подигна и свесноста кај граѓаните за ризикот од оспорување на задолжувањата на домашниот пазар.
Стабилноста на банкарскиот сектор која макотрпно е градена во последните 25 години не смее да биде нарушена заради самоволните одлуки на власта во заминување.