Народната банка објави повик до истражувачите кои се заинтересирани да презентираат работен материјал на 37. сесија на Клубот на истражувачите, да се пријават со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 27 месецов.
Сесијата ќе се одржи на 17 следниот месец со почеток во 14 часот, преку видеотелеконференциска врска.
-Зачленувањето во Клубот на истражувачите на Народната банка е од отворен карактер. Тој е отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето, информира Народната банка.
На сесиите на Клубот на истражувачите како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.