НБ: Макроекономските показатели во согласност со очекувањата, ризици се уште постојат

Од:

Последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, но неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални, така и во рамки на домашната економија, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

На денешната седница на Комитетот е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на ниво од 1, 5 отсто.

-Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, соопшти Кабинетот на гувернерот.

Последните расположливи макроекономски показатели, како што се наведува, упатуваат на годишен пад на бруто домашниот производ во првите три квартали од годината од 5,9 отсто, што е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција.

-Најголемиот дел од надолното приспособување е резултат на остварувањата во вториот квартал од годината, кога и беа воведени построги рестриктивни мерки за заштита на јавното здравје. Во третиот квартал се забележува значително забавување на годишниот пад на БДП на 3,3 отсто, во согласност со привременото стабилизирање на состојбата со пандемијата во овој период од годината и олабавувањето на мерките за спречување на нејзиното ширење, надополнето со ефектот од преземените монетарни и фискални мерки. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година, иако во ограничен обем, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата и трговијата, во услови на повторно воведување рестриктивни мерки, но во значително поблага форма, во споредба со тие од почетокот на пандемијата, стои во соопштението.

Од Народна банка посочуваат дека просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на ниско и стабилно ниво и за првите единаесет месеци од годината изнесува 1,1 отсто, што е блиску до проектираната стапка на инфлација според октомврискиот циклус проекции.

Девизните резерви се на соодветно ниво и во сигурната зона, со динамика на промена којашто е очекувана според октомвриската проекција.

Кај вкупните депозити и кредити, првичните податоци за ноември покажуваат натамошен солиден годишен раст, во рамки на очекувањата согласно со октомвриската проекција.

-На девизниот пазар во ноември имаше умерено повисока нето-побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, што е вообичаено за овој месец од годината и стабилна месечна нето-понуда на девизи од физички лица на менувачкиот и девизниот пазар. Пазарните движења беа проследени со одржување на девизната ликвидност на банките на релативно стабилно и високо ниво, поради што Народната банка настапуваше со ниски и повремени дневни интервенции за продажба на девизи, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски