Трошоците на живот во април годинава, во споредба со април лани, се намалени за 1,1 процент, а цените на мало за 1,5 процент, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во април во однос на март годинава трошоците на живот се непроменети, а цените на мало се зголемени за 0, 1 отсто. Пораст на трошоците на живот во април, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото овошје за 5,7 проценти, свежиот зеленчук за 3,1 процент, конзервираните месни производи за 0,5 проценти, другите млечни производи за 0,4 проценти, трајните колбасичарски производи, рибата и киселото млеко за 0,2 проценти. Зголемување на трошоците на живот има и кај авионскиот превоз на патници за 9,6 проценти, обувките за 0,4 проценти и облеката за 0,2 проценти.
Намалување на трошоците на животот во април во однос на март годинава статистиката регистрира кај јајцата за 1 процент, другите прехранбени производи за 0,9 проценти, свежото млеко за 0,8 проценти, месото и безалкохолните пијалаци за 0,7 проценти, преработките од млеко за 0,6 проценти, тестенините и мастите за 0,4 проценти, конзервираната риба и алкохолните пијалаци за 0,3 проценти.
Во април, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 3,3 проценти, течните горива и мазива за 1,2 проценти, цврстите горива и средствата за чистење и одржување на домаќинствата за 0,3 проценти и гасот за домаќинствата за 0,2 проценти.