Политика, Белград
Природните стратегиски ресурси, како што се гасот и нафтата (покрај другите енергетски ресурси што произведуваат електрична енергија), се од големо значење за секоја земја и за глобалната економија. Тие ја сочинуваат движечката сила и крвотокот на секоја економија. Вишите сили не биле подеднакво дарежливи кон сите земји во поглед на нафтеното богатство и гасот, додека, пак, за некои тоа богатство претставува проклетство. Притоа земјите што се најбогати со нафта (Венецуела, Саудиска Арабија, Ирак, Иран) и гас (Иран, Катар, Ирак, Русија) помалку или повеќе беа надвор од текот на зрелата индустриска револуција и нејзините цивилизирани достигнувања. Нафтата, гасот и други енергетски ресурси добиваат значење дури за време на индустриската револуција.
Индустриски најразвиените земји во првата половина на 20 век немале доволно резерви на нафта и гас. На почетокот на 20 век англиска компанија почнала со истражување и експлоатација на нафтата на Средниот Исток. Потоа и компаниите од САД почнале интензивно да се вклучуваат во експлоатација на резервите со нафта во таа област. САД не се двоумеле за користење голема сила во експлоатацијата со цел да си овозможат пристап до новите резерви на нафта и гас.
Во 1980 година тогашниот претседател на САД, Џими Картер, изјави дека „секој обид на која било странска сила да постигне контрола врз Персискиот Залив ќе се смета како напад врз виталните интереси на САД и секој таков напад ќе им биде оневозможен со сите средства, вклучувајќи ја и воената сила“.
Последниот брутален обид на САД во обезбедување резерви на нафта и гас беше отелотворен во нападот врз Ирак во 2003 година и убиството на Садам Хусеин под лажен изговор. Меѓутоа, САД користеле и суптилни начини за да го задржат монополот на Средниот Исток и областа на Персискиот Залив.
САД во 1973 година прво на Саудиска Арабија, а потоа и на другите земји околу Персискиот Залив им понудиле воена безбедност во замена за пристап до нивните ресурси, но со купувањето оружје од САД тие земји на своите почви мораа да ги штитат американските и „своите“ интереси. САД успеале да ги придобијат Саудиска Арабија и Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), а цените на нафтата и гасот да се пресметуваат во долари со цел да се избегне проблемот со курсните разлики за време на купувањето и да ги принудат другите земји да купат долари кога ќе купуваат нафта и гас.
САД ја зајакнале таа позиција и во меѓународната банкарска мрежа за платежни трансакции СВИФТ, почнувајќи од 1979 година, со што им ги врзаа рацете на сите држави и компании во трговијата со нафта и гас и други клучни артикли.
Благодарение на револуцијата и добивањето нафта и гас преку горење нафтени шкрилци САД се искачија на првото место во светот по производство на нафта и гас. Тоа доведе до намалување на ангажманот на САД на Средниот Исток и до сериозни релаксации во борба за нафта и гас на тоа подрачје. Секако проблемот со конфликтот меѓу САД и Иран остана, но се работи за друг вид конфликт по доаѓањето на власт на ајатолахот Руколах Хомеини во 1979 година и создавање теократска држава и зајакнување на политичкиот ислам.
Погонската сила на гасот и нафтата во геополитиката не е многу намалена со смирување на односите на Средниот Исток. Тоа го покажуваат жестоките конфликти меѓу САД и Германија околу изградбата на „Северен поток 2“. Германија најверојатно безгрижно одлучи до 2030 година да ја изгаси и последната нуклеарна електрана и сите електрани што работат на јаглен. Во врска со тоа, Германија нема друг избор освен да се потпре на Русија за да го одржи високиот раст на својата економија. Русија поседува 25 отсто од светските резерви на гас и кога станува збор за количината и цените на гасот нема конкуренција. Русија во декември 2019 година усвои чуден Закон за заштита на европската енергетска сигурност со кој ќе ги „брани“ интересите на ЕУ и на тој начин ќе ги зачува завршувањето и работата на „Северен поток 2“.
САД веќе успеаја со помош на санкции за една година да го забават завршувањето на тој гасовод што е доволно да се применат и други мерки за казнување на ЕУ (Германија) и Русија. Главната цел на САД во таа „гасна војна“ е да го осигурат пазарот на ЕУ за вишокот на нивниот течен гас (ЛНГ) што е за 30 отсто поскап од рускиот. Притоа Доналд Трамп или воените кругови во САД настојуваат да го потиснат силното економско поврзување на ЕУ со Русија и нејзината енергетска зависност од Русија.
И токму кога стана веројатно дека погонската сила на нафтата во геополитиката ќе ослабне поради користење обновливи извори на енергија и значителна замена на погонските горива во електрични возила со батерии – на хоризонтот се појавија конфликти околу литиумот како главен елемент за произведување батерии. Кина и кинеските фирми веќе контролираат 50 отсто од глобалното производство на литиум и 60 отсто од производствата на батерии за електрични возила, при што значителна количина литиум добиваат од своите рудници во Австралија, Чиле и Боливија.
Според доктрината на Монро, Чиле и Боливија се наоѓаат во сферата на интереси на САД. Се чини дека никогаш нема крај на нови конфликти.