Цените на нафтата денеска се зголемија, поттикнати од надежите дека почетокот на дистрибуцијата на вакцини за коронавирусот ќе ја зголеми глобалната побарувачка за гориво, но и од веста за експлозијата на танкер со нафта во Саудиска Арабија, што предизвика нервоза на пазарот.
Околу пладне по средноевропско време тргувањето со северноморската нафта од брендот Брент за испорака во февруари порасна за 60 центи или 1,2 проценти на 50,57 американски долари за барел, додека американската WTI нафта порасна за 54 центи, што е, исто така, 1,2 проценти, на 47,11 долари за барел, пренесуваат британските медиуми.
На зголемувањето на цените придонесе и нервозата на инвеститорите во врска со понудата на пазарот по соопштението на една бродска компанија дека и експлодирал танкер со нафта, погоден од надворешна дестинација во пристаништето Џеда во Саудиска Арабија.
И двата бренда нафта растат шест недели по ред, што е нивно најдолго закрепнување од јуни годинава.
САД почнаа кампања за вакцинација против Ковид-19, поттикнувајќи ги надежите дека наскоро можно е да завршат ограничувањата наметнати од пандемијата, зголемувајќи ја побарувачката во земјата, која е една од најголемите потрошувачи на „црно злато“ во светот.
Продолжувањето на разговорите за Брегзит меѓу европските сили влијаеше и на финансиските пазари, каде што доларот потона на приближно 2,5-годишниот минимум во однос на другите водечки валути.
Покрај тоа, во неделата се случија и два одделни пожара на нафтени полиња, што, исто така, предизвикаа загриженост на пазарот. Првиот избувна на нигерискиот терминал за извоз на сурова нафта „Куа Ибоа“, а вториот на нафтовод во Иран, но овие инциденти во голема мера беа исконтролоирани.