Нацевска: Рамката на раководење и транспарентноста клучни за одржување на кредибилитетот на централните банки

Од:

Вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, учествуваше на регионалната конференција на високо ниво на којашто зедоа учество извршни и неизвршни членови на органите на раководење на централните банки на Југоисточна Европа. На конференцијата се зборуваше за клучните предизвици во раководењето, управувањето со ризиците и транспарентноста на централните банки, во денешното окружување подложно на брзи промени. Конференцијата во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), Народната банка на Молдавија (НБМ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), се одржа во Кишињев, Молдавија.

Во својата дискусија пред членовите на управните органи на централните банки од регионот, вицегувернерката Нацевска се осврна на улогата и структурата на главните одлучувачки тела на Народната банка − Советот и Извршниот одбор. Таа истакна дека Советот на Народната банка, составен од извршни и неизвршни членови, е највисокиот орган на управување, во чијашто надлежност се стратегиските одлуки и политиките на Народната банка, како и следењето на нивното спроведување. Кај Извршниот одбор, воспоставен со измените во Законот за Народната банка од април оваа година, се применува колегијален начин на донесување на оперативните одлуки со кои се спроведуваат политиките донесени од Советот. На тој начин е обезбедено раководење и управување во Народната банка коешто соодветствува со практиките на централните банки на развиените економии, со јасно разграничени надлежности на двете тела и поизбалансирано донесување на оперативните одлуки од страна на извршните членови, преку примена на високо ниво на експертиза и професионалност. Истовремено, составот на Советот обезбедува поширока перспектива и следење на работењето, со што и натаму се зајакнува кредибилитетот на институцијата во носењето и спроведувањето на политиките.

Во текот на дискусиите на Конференцијата беше нагласена и потребата за соодветна транспарентност во работењето на централните банки, при што беше презентирано и искуството на Народната банка со примената на Кодексот на транспарентност на ММФ. Во рамките на дискусијата за транспарентноста, се истакна значењето на навремената информираност на јавноста и достапноста до податоците и информациите потребни за носење одлуки, но и за отчет во работењето на Народната банка.

На Конференцијата се заклучи дека за да се справат со големиот број предизвици коишто доаѓаат од сложеното глобално окружување, централните банки треба постојано да работат на усовршување на рамките за раководење, обезбедувајќи баланс во одлучувањето и високо ниво на транспарентност и отчетност, што е клучно за одржувањето на довербата на јавноста.

Би можело да ве интересира

Народна банка предупредува на измами: Лажно се претставуваат во име на реномирани компании и бараат лични податоци

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година

Народна банка со препораки до граѓаните за безбедно онлајн купување

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка