Нацевска: Финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера – се работи на регулативата

Од:

Преку Портата за иновации на Народната банка согледуваме дека финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера. Тие може да го олеснат управувањето со паричните средства на компаниите, коишто се водат на платежни сметки кај повеќе даватели на платежни услуги, преку следење во реално време на состојбата и извршените трансакции. За таа цел, ќе требно да се воведе концептот на т.н. „отворено банкарство“, што подразбира воспоставување стандарди за отворена и сигурна комуникација. Народната банка работи на изготвувањето соодветен подзаконски акт со кој ќе се пропишат стандардите за отворена и сигурна комуникација, усогласен со стандардите коишто се применуваат во Европската Унија.

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, на панел-дискусијата „Долгорочни можности: Економски и правни аспекти на регулативата за инвеститорите во РСМ“, на виртуелниот национален настан во рамките на Светската недела на инвеститорите т.н. бизнис-ангели, којшто се одржа вчера, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангелите.

Нацевска се осврна и на придобивките од залагањата на финтек-компаниите за олеснување на плаќањата и преносот на средства, преку понуда на иновативни решенија за дигитализација на платежните услуги.

– Со користењето на иновативните решенија на финтек-компаниите, во иднина граѓаните ќе можат полесно да иницираат плаќања од своите платежни сметки коишто ги одржуваат кај банките или кај други даватели на платежни услуги, како и да добијат прегледни и корисни збирни и аналитички информации за своето потрошувачко однесување, во однос на извршените плаќања во одреден временски период преку своите платежни сметки кај различни даватели на платежни услуги, истакна вицегувернерката.

Таа зборуваше и за преземените активности за зголемување на транспарентноста и надоместоците што ги плаќаат граѓаните за извршените платежни услуги.

– Во изминатиот период направивме анкета на банките за честотата на користењето на платежните услуги и висината на надоместоците. Врз основа на резултатите од анкетата, работиме на избирање на најчесто користените услуги за кои ќе обезбедиме стандардизирани термини и дефиниции. Потоа, давателите на платежни услуги ќе треба да ги користат овие термини и дефиниции во своите тарифници. Исто така, давателите ќе доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги, коишто Народната банка редовно ќе ги објавува на својата интернет-страница, со цел потрошувачите да имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците на платежни услуги, посочи вицегувернерката.

Резултатите од истражувањето на Народната банка што го презентира и Нацевска, потврдуваат дека финтек-секторот може да обезбеди поголеми можности и подобри услуги за потрошувачите и малите бизниси и може да придонесе за усогласување на финансискиот систем со најдобрите меѓународни практики.

Во своето излагање, вицегувернерката потсети и дека Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, работи на нова регулативна рамка во платежната сфера со експертска поддршка од Европската Унија. Новата регулативна рамка ќе придонесе за побрз развој на финтек-секторот во земјата.

На панел-дискусијата „Долгорочни можности: Економски и правни аспекти на регулативата за инвеститорите во РСМ“ учествуваа и претседателот на Индустриската комора на Македонија, Трајан Ангеловски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски