Танјуг – Белград
Руските власти се одлучија на чекор кој пред една година беше незамислив, да го спречат преголемото јакнење на рубљата.
Во јануари 2016 година рубљата падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот, на само 85 рубљи за долар, поради комбинираниот притисок кој над руското стопанство го вршеа намалените цени на нафтата и западните санкции.
Од тогаш руската валута зајакна за околу 40 отсто, бидејќи цените на нафтата во меѓувреме зајакнаа, а почнаа да се појавуваат и први знаци на економски раст на земјата.
За растот на рубљата дополнително придонесоа и надежите на Москва за подобрување на односите со Западот по победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори.
Иако на прв поглед ревитализираната рубља може да изгледа позитивно за руските власти, за многу експерти кои се разбираат во бројките во Министерството за финансии на Русија, тоа и не е најдобра вест, бидејќи стравуваат оти силната домашна валута може да ја загрози новостекнатата конкурентност на руската економија.
Затоа, наместо поддршка на домашната валута, Министерството најави план за купување на девизи од вишокот на приходи од продажбата на нафтата, кои произлегоа од фактот дека цените на енергенсот се за околу 15 долари повисоки од проценетото ниво од 40 долари за барел на кое се темели федералниот буџет за оваа година.
Официјалното објаснување е дека на тој начин властите сакаат да направат тампон зона која ќе помогне земјата, во која економијата зависи од енергенсите, да се заштити од влијанието на осцилациите на цените на нафтените пазари, бидејќи рубљата често јакне и слабее во зависност од цената на нафтата.
Но, додека во централната банка инсистираат на тоа дека целта не е ограничување на колебливиот курс на рубљата, економистите велат дека пораката на тој потег е јасна.
– Враќањето на централната банка на девизниот пазар би бил важен психолошки фактор и би сигнализирал силна подготвеност на државата да го задржи курсот на рубљата на ниско ниво, наведуваат во коментар аналитичарите на „Алфа банка“.
Иако планот треба да стапи во сила во текот на февруари, влијанието на најавените чекори на државата веќе се чувствуваат.
Откако зајакна на почетокот на годината, рубљата кон крајот на јануари повторно ослабе на 60 рубљи за долар, движејќи се во спротивна насока од цената на нафтата.