МЗШВ: Интервентна субвенција од четири денари за предадени домати во преработувачки капацитети

Од:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од четири денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.

Како што соопшти Министерството, на овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од три денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно седум денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада.

Ваквата одлука ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.

Според МЗШВ, оваа интервентна субвенција од четири денари за килограм домат предаден во регистрирани преработувачки капацитети ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати во овој период до 15.07.2018 година.

Тимови од МЗШВ, се додава, изминатиов период беа секојдневно на терен и во комуникација со земјоделците, откупувачите и преработувачите со цел да се најде соодветно решение, а за таа цел Министерството стапило во контакт со преработувачите кои покажале интерес за откуп на вишокот домати.

Причината за проблемот со откупот на домати, како што се оценува, е поради тоа што во овој период расте понудата на традиционални пазари за извоз од тамошните производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати.

Од МЗШВ најавуваат дека и во следниот период ќе го следат откупот на домати и ќе делуваат континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно. Во меѓувреме, посочуваат, интензивно работат и на отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, за што уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите да помогнат во тоа.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата

МЗШВ: Ништо ново од Трипуновски, лаги и измислици наместо проекти и визија за земјоделците

Горан Наумовски

Кривична пријава за несовесно работење во службата против двајца членови на комисија во МЗШВ

МЗШВ: Повик до откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп