Грчки претставници упатиле неофицијален предлог до Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за одлагање на плаќањата за обврските кон оваа кредитна институција. Од таму, меѓутоа, им било одговорено дека тоа не е можно, информира „Фајненшел тајмс“.
Атина била убедувана да упати конкретно барање за одлагање на нејзиното плаќање кон Фондот, кон кого должи приближно милијарда евра, што треба да ги плати во две одделни исплати со рок да доспеаност во мај, наведуваат грчки извори.
И покрај фактот дека Атина добила „корпа“, приватните разговори што биле воденипретходно овој месец, се сигнал дека за грчката Влада е се потешко да најде доволно пари за плати и пензии и истовремено да ги исплаќа своите обврски кон надворешните кредитори, забележува весникот.
Каматите на грчките обврзници денеска веднаш скокнаа по лиферувањето на оваа информација, а наплатливоста на тригодишните обврзници се зголеми за 134 базични поени, до 25,10 отсто, што претставува највисокото ниво од преструктурирањето на грчкиот долг. Каматите на 10-годишните обврзници се зголемија за 45 базични поени, до 12,18 отсто.
Грчките кредитори не се сигурни дали Атина ќе успее да ги изврши плаќањата чии рок на доспеаност е во текот на мај. Дури и да успее, прашањето повторно ќе се најде на дневен ред во јуни, кога треба да се направат многу поголеми плаќања за обврзниците, што се држат кај Европската централна банка.
Претставниците на ММФ повеќе пати веќе изјавуваа дека одлагањето на плаќањата може да има само како дел од целосно нова повторно договорена спасувачка програма. Доколку не го изврши плаќањето кон Фондот, Грција ќе влезе во историјата како првата развиена земја што се најде меѓу некоректните должници на Фондот, какви во минатото беа Заир и Зимбабве, дополнува „Фајненшел тајмс“.