МФ: Усвоен Буџетот за 2024 во Собранието, носи инвестиции, развој и одржливост

Од:

Собранието на РС Македонија денеска го усвои Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година, којшто ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на јавните потреби на граѓаните и фирмите. Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 33,5 милијарди денари или 3,4% од планираниот БДП кој е намален во однос на 2023 година за 9,2 милијарди денари.

Министерот за финансии Фатмир Бесими претставувајќи го Предлогот во Собранието потенцира дека политиките што се дел од Буџетот за 2024 година се во функција на одговор на продолжената неизвесноста, забавување на глобалната економија и ризиците врз нашата економија.

„Стратегијата за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот се заснова, прво и основно, на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус, чиј носител е јавниот сектор, преку крупните инфраструктурни проекти, но исто така и приватниот сектор, кој ќе биде поддржан преку буџетските политики. Второ, клучно е обезбедувањето фискална одржливост, преку континуирана фискална консолидација, но воедно и енергетска одржливост, одржливост во земјоделството и воопшто во економијата, преку водење зелена економија“, посочи министерот во експозето.

Буџетот за 2024 година е прв буџет кој се заснова на фискалните правила од Законот за буџети и обезбедува водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активности, како и таргетирана поддршка на најранливите категории граѓани и на стопанството.

Во Буџетот е клучно што се менува структурата и што од минатата година на повисоко ниво се планирани капиталните расходи, кои се и на повисоко ниво од буџетскиот дефицит. Капиталните расходи се планирани на ниво од 41,2 милијарди денари, и се наменети за реализацијата на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Со оглед на продолжување на неизвесноста во Буџетот се предвидени за 2024 година и 60 милиони евра за мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.

Буџетот во 2024 година обезбедува редовно и непречено извршување на сите законски обврски, непречено спроведување на изборните активности, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании и друго.

Растот на економијата за 2024 година е проектиран на ниво од 3,4% и инфлација на ниво до 3,6%.

Би можело да ве интересира

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Лефков: Во Буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

(ВИДЕО) Лефков: Владата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува 3 милијарди денари повеќе во Буџетот за образование