Македонија и годинава традиционално учествува на најголемиот светски саем за туризам ИТБ во главниот град на Германија.
Оваа година покрај презентација на традиционалните туристички понуди Македонија посвети внимание и на понудите поврзани со културното богатство и природните убавини. Посебен акцент е ставен на понуди за активен туризам кој има голем потенцијал и во Македонија, а е се попопуларен на глобално ниво.
Покрај редовното учество на „Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“ на ИТБ, годинава за учество на саемот голем интерес покажа и македонскиот приватен туристички сектор кој што присуството во Берлин го искористи за промовирање на своите понуди пред потенцијалните светски партнери.
На саемот на кој во сите 26 сали на Берлинскиот саем учествуваат над 10 илјади компании од 184 земји од светот присутни се македонските фирми „Бадем тур“, „Вардар експрес“, „Фибула“, „Глобус травел“, „БТБ турс“, „Буши ресорт и спа“ и „Го Балканс“. Тие имаат прилика своите бизнис планови да ги поделат со над 100 илјади претставници на странски тур оператори, асоцијации, медиуми, дипломати и други чинители во туризмот.
Саемот за туризам во Берлин годинава е искористен и за промоција на настаните поврзани со туризмот кој што ги огранизира Македонија.
– Денеска на свечениот коктел на ПАТА (Туристичка асоцијација на земјите од Пацификот) во организација и покровителство на ИТБ Берлин пред гостите од целиот свет беше промовиран самитот за туризам што ќе се одржи во Македонија. Ова е идеална прилика Македонија да ги собере на едно место важните чинители во светскиот туризам, но и да се претстави како дестинација која е во интензивен подем. Овој тип промотивни алатки овозможуваат брза и ефикасна промоција и воедно брендирање и позиционирање на земјава повисоко во светската туристичка индустрија, а со тоа и зголемување на бројот на туристите и приливот од туризам“, изјави за МИА, Лела Крстевска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РМ.
Денеска во Берлин македонските претставници потпишаа меморандум за соработка со Јапонската меѓународна агенција за соработка (JICA) која што ќе ти промовира туристичките потенцијали на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина на богатиот јапонски туристички пазар. Во рамки на соработката македонските туроператори се поканети во Токио на средби со претставници на јапонскиот приватен туристички сектор пред кои ќе можат да ги промовираат своите понуди и да започнат заедничка соработка.