Македонскиот туристички потенцијал е промовиран пред унгарски туристи на Саемот за туризам во Будимпешта, HUNGEXPO. Пред 32.000 посетители и бројни туроператори, организации и институции, се претставени убавините на Македонија и потенцијалот за инвестирање во туристичката индустрија.
– Интересот на Унгарците е главно насочен кон запознавање на нашата култура и историја, а од круцијално значење за туристите од оваа држава се автокамповите поради фактот дека поголемиот процент од нив транзитираат низ земјава со идеја да поминат што поголем број земји од Балканот за време на нивните летни одмори, соопшти денеска Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија.
Претставници на Агенцијата оствариле средба со унгарски туроператори, при што е ставен акцент на оние кои во своите понуди веќе ги имаат балкански земји, како што Experience Balkan pelikan SK, Aviarpes Kft.
За зголемување на бројот на унгарски туристи се очекува да придонесе и директната авионска линија Скопје – Будимпешта на „Виз ер“ која ќе почне од април годинава, наведува македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот.