На 19-от Меѓународен саем за туризам и активен одмор во Ниш, меѓу 130 излагачи и гости од Србија, Црна Гора, Бугарија, БиХ, Грција, застапена е и Македонија.
Покрај бројните контакти и презентацијата на македонските туристички потенцијали, договорена е соработка за изработка на заедничка туристичка понуда на Македонија, Србија и Црна Гора под името „Патот на Вранецот“, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот на Македонија.
– На саемот во Ниш имавме разговори на националните туристички организации и на стопанствата на Македонија, Србија и на Црна Гора, со цел да подготовиме нов заеднички туристички производ за 2019 год. Се договоривме кон крајот на април и почетокот на мај во Скопје да се одржи заедничка средба на која ќе го финализираме заедничкиот туристички производ „Патот на Вранецот“. Мотивот за оваа заедничка туристичка понуда ни беше винската сорта Вранец, која е автохтона сорта и познато вино и во Македонија и во Црна Гора и во Србија, и овој туристички производ ќе го понудиме на регионалните западноевропски пазари и на азијските пазари, бидејќи очекуваме дека и Македонија ќе ги спушти визите за кинеските туристи, изјави Јаневски.
На регионалната туриситичка манифестација во Ниш застапени се и македонските туристички агенции, меѓу кои Елем турс со промоција на летната туристичка сезона на капацитетите во Молика на Пелситер и Ливадишта во Струга, но и со уште една несекојдневна зимска понуда.
– Се фокусиравме да ја продолжиме зимската сезона со промоција на понудата „Велингден на скии“ на Попова Шапка од 15 март до 15 април. Се надеваме дека ски сезоната ќе продолжи уште малку, бидејќи на Попова Шапка уште има над еден метар снег, изјави Никола Каревски, директор на Елем турс.
Туристите од јужна Србија традиционално најмногу ја посетуваат Македонија, особено Охрид, смета Урош Парлиќ, организатор на саемот и директор на Туристичката организација Ниш.
– Ние сме соседи, блиски народи и со близок менталитет. Постои соработка меѓу туристичките организација, но според Парлиќ, поради големиот интерес и можностите оваа соработка треба да се интензивира обострано уште повеќе и многу поагресивно и за македдонските и за српските туристи, што е и целта на Семот за туризам во Ниш.