Република Македонија, преку Агенцијата за промоција на туризмот, учествува на Светскиот туристички марекет (ВТМ) во Лондон. Нуди археологија, историја, култура, лов и риболов, рурален, „класичен“ туризам, дел од традицијата (Галичка свадба) и настани како што се карневалите.
На странските туристички агенци им се нудат и субвенции за донесување странски гости, но, како што велат од Агенцијата, најважно е да се обезбедат повеќе контакти со потенцијалните купувачи.
ВТМ брои 5.000 учесници од цел свет и 50.000 професионалци од светската туристичка индустрија, поделени на оние кои ги нудат своите земји за посета и одмор и на купувачи кои на огромната маса туристи се трудат да им откријат нови дестинации и нови квалитетни понуди.
– ВТМ не е комерцијална манифестација на која се прават зделки за пакет аранжмани, туку вистинска берза на која секоја земја го прикажува и нуди она за што верува дека ќе ги привлече купувачите, истакнуваат од Агенцијата.
На македонскиот штанд во големиот изложбен простор Ексел, во источнот дел од Лондон, со свои понуди се присутни и агенциите Фибула, Визит МК и Го-Балкан.
Сите учесници се согласуваат дека на ВТМ е „дојден целиот свет, па затоа на него мора да се учествува, за да се види дека и вашата земја е дел од големиот туристички пазар на планетата“. Присутни се туристичките велесили во светот, но и минијатурните држави, како и земјите кои настојуваат да се вклучат на пазарот.
На манифестацијата, традиционално, сите учесници се „тркаат“ во уредувањето поатрактивен штанд, нудејќи ги на него, често и раскошно, својата култура, традициите и кујната, во што посебно се истакнуваат африканските, латиноамриканските и карипските земји.
Во нашиот регион, доминираат Грција и Турција со својата понуда, а потоа Хрватска и Бугарија и оваа година Албанија, за која на нивниот штанд велат дека забрзано настојува да ги достигне земјите во нејзиното поблиско и подалечно соседство.
Македонија меѓу 2009 и 2015 година бележи раст на туризмот од 13 отсто, а најбројни се гостите од Турција, Грција, Бугарија, Србија и Холандија.