Регионалниот директор во Светска банка за земјите од Западен Балкан, Линда Ван Гелдер изјави дека доколку Република Македонија успее да одржи раст на БДП од 5 отсто, Македонците за 20 години ќе земаат плата приближна на онаа која ја земаат граѓаните од развиените европски земји.
– Трендот што го гледаме во регионот е позитивен, се повеќе луѓе наоѓаат работа, а платите полека се зголемуваат. Меѓутоа, растот е ранлив од домашни и надворешни шокови што се потврди со забавување на растот во 2017 година. Поробусниот раст што го прогнозираме за следните години е условен од вистинската комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и поддршка на растот, вели Ван Гелдер.
Според неа, студената зима доведе до поголем увоз на енергија, големите инфраструктурни проекти бараат повеќе опрема од странство па поради тоа увезени се повеќе стоки за да се задоволи поголемата потрошувачка. Ова резултирало со одредено намалување на проценката за растот во 2017 година во споредба со 2016.
Ван Гелдер тврди дека растот на БДП од помеѓу 3 и 4,4 отсто во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора е анулиран поради немањето раст во Македонија и малиот раст кој е забележан во Србија која претставува најголема економија во регионот.
– Економското влијание на политичката криза во Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година, заради големото намалување на инвестициите, изјави Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија додавајќи дека сепак економијата во 2018 година почнала да закрепнува, а прогнозите се позитивни.
Виктор Јованов