Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши денеска се обрати на настан по повод отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана, кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово.
Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства.
„Ова што денес го пуштаме како најголемата инвестиција во фотоволтаична централа во државата, покажува како работи една одговорна Влада, како може да функционираат институциите и на централно ниво и на локално ниво, како може да постои дијалог меѓу државни институции и реномирана приватна компанија која работи во 25 држави во светот и како на крај од тоа има резултат којшто резултат доаѓа 3 месеци пред зададениот рок. Затоа кога станав премиер кажав дека јас имам доверба и во македонските граѓани и во македонските компании и воопшто во државата. Со ова го потврдуваме дека можеме да го направиме. Оваа фотоволтаична централа со големина од 17 МВ капацитет, тоа е најголемата фотоволтаична централа во државата. Директорот на ГЕН-И не кажа уште една работа, оваа централа е поголема од сите централи кои што се направени во Словенија. Ако ја однесете поединечно во Словенија, тогаш оваа централа ќе биде поголема. Тоа е затоа што Македонија е земја на сонцето. Тоа го препознава ГЕН-И сонце, тоа го знае и оваа Влада. Ова е начинот на кој треба да се инвестира во обновливи извори на енергија. Тоа значи работа за наши инженери, работа за наши техничари, работа за сите оние кои ќе ја користат таа електрична енергија“, рече премиерот Димитар Ковачевски.