На Бирото за јавни набавки е објавен оглас за прибирање тендерски понуди во вредност од 15,3 милиони евра за изградба на три нови патарини со електронска наплата на наплатните рампи за коридорот 8 и автопатот Миладиновци – Штип. Парите ќе се обезбедат со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Станува збор за патарините „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци – Штип, како и идната патарина „Арбиново“ на автопатот Кичево – Охрид.
Изведувачите треба да воведат електронска наплата на патарините „Миладиновци“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“ и „Гостивар“ меѓу Скопје и Гостивар. Со тоа на возачите ќе им се овозможат со таг и електронска картичка за да ги плаќаат патарините на сите наплатни рампи низ земјава.
Реализацијата на договорот се очекува да отпочне во октомври годинава, а најмногу за една година да се изградат трите нови патарини и да се примени електронската наплата.
В. Маглешов