Советот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на седница треба да одлучи кои кандидати ќе бидат предложени за иден лидер на ССМ на претстојниот Вонреден конгрес најавен за 11 ноември.
За синдикален лидер, кандидатури поднесоа сегашниот в.д. претседател Дарко Димовски, претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски, но Претседателството на ССМ утврди дека само Димовски ги исполнува условите за кандидатура.
На седницата одржана на 25 октомври, Претседателството на ССМ ги разгледа сите кандидатури и утврди дека Димовски ги исполнува условите, додека останатите двајца не ги исполниле условите. Според Претседателството на ССМ, Димовски имал поддршка од 12 гранкови синдикати, додека Грујовски имал поддршка од пет.
Претседателот на УПОЗ, Грујовски тврди дека ги исполнува условите за кандидатура, но не очекува дека на седницата на Советот ќе биде прифатена неговата кандидатура бидејќи се сомнева во малверзации.