Американскиот професор Тед Малок, кој важи за главен кандидат на претседателот Доналд Трамп, за нов амбасадор на САД во ЕУ, предвидува „крај на еврото за 18 месеци„.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Малок смета дека оваа година ќе биде годината во која еврото ќе пропаѓа на светскиот пазар на валути и дека до средината на идната година, целосно ќе го снема.
Малок кој е професор на бизнис школата Хенли и е голем подржувач на претседателот Трамп и неговите погледи, силно го подржува и британското излегување од ЕУ.
Според неговото мислење, Британија би можела за, како што вели- само 90 денови, да постигне со САД „взаемно корисен„ договор за слободна трговија.
-Тоа е можно и тоа е најдоброто за Британија. Потребно е само земјата целосно да излезе од сите структури на ЕУ- вели Малок.
Изјавата на овој американски професор кој едно време беше ангажиран и како функционер на САД во ОН во Женева, доаѓа пред утрешната средба на британскиот премиер Тереза Меј со американскиот претседател Трамп, во Вашингтон.
Малок кој важи за противник на ЕУ, онаква каква што е сега, обвинувајќи ја дека е бирократизирана, во интервјуто за Си-Ен-Ен ја подржува тезата на Трамп против наднационални организации, инсистирајќи државите да преговараат и да се договараат за трговски договори, директно, едни со други.
Британија, меѓутоа, не може да почне преговори за слободна тргоцја со земји кои не се во ЕУ, се додека целосно не се повлече од Унијата, што професорот Малок не го прифаќа.
Бизнис експерти, сепак, уверуваат дека тврдењето на професорот Малок дека договор со Британија може да се постигне за 90 денови, е целосно неостварливо и неможно.
Политичките лидери на двете земји, може на утрешната средба во Белата куќа да го начнат ова прашање, но дури и веднаш да почнат да разговараат за правење договор за слободна трговија, ќе им требаат години за да постигнат согласност за сите прашања, а не само три месеци, сметаат овие експерти.
Освен тоа, Британија не е автономен член на Светската трговска организација (ВТО) , за да прави свои, самостојни договори.
Професорот Тед Малок не е првиот американски економски професор што е против еврото и кој заговара крах на единствената валута.
Американскиот професор Џозеф Стиглиц , по избувнувањето на кризата во еврозоната, по крахот на Грција, уште во 2010 година, навести пропаст на еврото во следните пет години.