Проектот „Јужен тек“ не е под закана и ние ќе го изградиме, тврди првиот човек на Гаспром експорт Александар Медведев во интервју за италјанскиот весник Панорама.
Според Медведев руско-украинската криза нема да ја доведе во прашање испораката на гас во Европа.
Во интервјуто тој посочува дека единствената опасност се состои во тоа што во Европа не сфаќаат докрај какви предности ќе им донесе „Јужен тек“. Медведев порачува дека Европа мора да го поддржи а не да го блокира проектот.
Според него, Европа нема други сигурни извори на природен гас во следното десетлетие и дека само Русија е способна да ги обезбеди растечките потреби.
Деновиве украинските медиуми пренесоа дека Бугарија веќе почнала да ги демонтира цевките од гасоводот.
Во меѓувреме, Брисел се обиде да ја смири топката со официјална Москва, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, на рускиот претседател Владимир Путин му напиша дека се подготвени да почнат преговори, во кои ќе ја вклучат и Украина.
Гасот до земјава треба да стигне од две страни – од Русија и Азербејџан. Преку крак треба да се приклучи кон Јужен поток. Неодамна премиерот Груевски, најави дека Македонија е дел и од Транс јадранскиот гасовод.