СДСМ потсети дека вчера Гувернерот на Народна банка на Република Македонија најавил нова мерка, која што ја нарекол неконвенционална, односно невообичаена за една централна банка. Со тоа, гувернерот, велат, вчера испрати драматична порака и несакајќи призна дека македонската економија е во толку лоша кондиција што всушност се наоѓа во вонредна состојба, и мора да е така, бидејќи само во вонредна состојба една централна банка презема мерки што се нарекуваат невообичаени.
„И повторно, Гувернерот продолжува со контроверзни мерки. Кого сака тој да го поддржи кога вели дека вчерашната мерка треба да поттикне поевтини кредити за производители на електрична енергија. Кои се тие производители на електрична енергија во Република Македонија? За ЕЛЕМ ли се загрижи гувернерот, бидејќи тој произведува 96% од домашната енергија. Тоа е истиот ЕЛЕМ што има пари за реклами во медиумите и планира да вложи милиони евра во несуштински проекти, што немаат врска со енергетиката.Мерката и намерата за новите мерки е нејасна, конфузна и се добива впечаток дека тие се наменети за конкретни, веќе договорени банкарски кредити“, рече Зоран Јовановски.
Според Јовановски, проблемот на овој гувернер, во врска со вчерашните и било кои други мерки во иднина, е тоа што него граѓаните го гледаат како продолжена рака на власта. Видовме, рече, каков разочарувачки лош резултат дадоа неговите мерки од пред 7 месеци, цените се зголемија, растот на кредитите кон фирмите забави, ама во државниот буџет се слеаја нови 150 милиони евра на банките.
„За зголемено кредитирање на фирмите во Македонија, не се проблем парите, банките имаат доволно пари. Клучен фактор е – да се намали високиот ризик. За да се намали ризикот, треба да се вклучи државата со механизмите што ги има и во вакви времиња да го подели ризикот од кредитирањето со банките.Не случајно, пред повеќе од половина година, во пакетот од 37 мерки доставен до Владата, СДСМ предложи Владата да им даде државна гаранција на фирмите на кои по разни основи им должи за да можат фирмите со таква гаранција да добијат евтини кредити од банките, да дојдат до ликвидни средства и да преживеат. Со таква гаранција од државата, каматните стапки на кредитите ќе се намалеа за многу повеќе од 1 процентен поен, колку што сега очекува гувернерот, и поевтини кредити ќе имаше за сите сектори, а не само за оние што ги одбра гувернерот. Исто така, пред речиси две години предложивме државата да ја плаќа каматата за кредитите што банките ќе ги даваат за нови инвестиции со кои ќе се отворат определен број работни места.Времето покажа дека мерките на СДСМ беа навремено предложени и со нивна реализација денес во Македонија работите ќе беа многу подобри, многу фирми ќе се спасеа од пропаѓање и многу работни места ќе беа сочувани. Вака, товарот од погрешните одлуки на Владата падна на грбот на граѓаните и на фирмите“, рече Јовановски.