Трошоците на живот во јануари годинава се намалиле за 0,8 отсто во споредба со претходниот месец, а цените на мало поевтинеле за 1 процент.
Според податоците на Државниот завод за статистика, намалувањето на трошоците на животот е резултат на пониските цени на свежото овошје за 2,6 отсто, свежиот зеленчук за 1,9, јајцата за 1,4, трајните колбасичарски производи, конзервираните месни производи и безалкохолните пијалаци за 0,7, маснотиите и замрзнатиот зеленчук за 0,6, преработките од млеко за 0,4 и свежото млеко за 0,2 отсто.
Намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 13,3 отсто, течните горива и мазива за 10,1, гасот за домаќинствата за 5,8, лековите за 4,3, велосипедите за 3,1, обувките за 2,3, средствата за лична хигиена за 2,1, услугите за сместување за 1,5 и текстилот за домаќинствата за 0,2 отсто.
Пораст на трошоците на животот има кај конзервираната риба за 1,3 отсто, тестенините за 1, рибата за 0,9, другите неспомнати прехранбени производи за 0,6, сувомеснатите производи за 0,5, другите пецива за 0,4 и месото за 0,3 отсто. Пораст е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 3,7 отсто, тутунот и материјалите за одржување на станот за 2,1, цврстите горива, апаратите за домаќинствата и садовите и прибор за домаќинствата за 0,8, производите и услугите за одржување на станот и информатичката опрема за 0,4, пакет-туристичките арамжмани и исхраната во рестораните и хотелите за 0,3 отсто.
Трошоците на животот, пак, во јануари годинава во споредба со истиот месец лани се намалиле за 1,5 отсто, а цените на мало за 4,6 проценти.