Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија првпат ја претстави туристичката понуда на Саемот за туризам во Тел Авив, Израел (IMTM – Tel Aviv).
На саемот, како што информираат од Агеницијата, бил изразен голем интерес од израелските посетители и желба за посета на Македонија од страна на новинари.
Туристичката бизнис заедница на Израел покажала интерес за почнување соработка со Македонија и нејзино вклучување во нивните каталози како туристичка дестинација во 2017 година.
Македонија, како што се наведува во соопштението, на овој саем ги промовираше природните богатства и културното наследство на земјава, а директорката на Агенцијата Лела Крстевска, остварила бројни интервјуа и гостувања во специјализирани емисии за туризам како Ynet, со цел посилна промоција на земјава на овој нов пазар. Таа упатила покана за посета на Македонија до потенцијалните израелски туристи.
Делегација на Агенцијата за време на саемот оствариле средби со израелските тур-оператори Arkia, Ofir Tours, Golden Tours, Tours 4 Groups, Gly Guy, NB Tours со што дел од нив веќе од оваа сезона се подготвени да ја вклучат Македонија во нивната туристичка понуда.
Штандот на Македонија беше посетен и од претставници на македонската амбасада во Израел, како и амбасадорот Пајо Авировиќ, кои значително придонесоа за поефективна промоција на земајва во Израел.