Сопствениците на капацитети во рурални средини не се задоволни од промоцијата на руралниот туризам во Македонија, сметаат дека националните и локални тур-оператори не ги нудат доволно капацитетите во руралните средини како туристички атракции, не соработуваат со општините, ниту со центрите за развој на планските региони, а не добиваат и навремено информации од институциите за поддршката и можностите за развој на руралниот туризам во земјава.
Ова го покажа истражувањето на Рурална коалиција спроведено во март и април годинава, а опфати над 120 капацитети од сите региони во државата.
– Високи 78 проценти од испитаниците немаат информација за постоењето на Националната стратегија за рурален туризам, иако е донесена во 2012 година и периодот за нејзина реализација е пет години, до 2017 година. Дури 88 проценти од испитаниците не го препознаваат руралниот туризам како дел од индустриската политика, каде што се вбројува како посебен сектор, а своето знаење на терминот и дејноста рурален туризам на скалата од еден до пет, најголемиот дел од го оцениле со четири или пет, стои во истражувањето.
Само 12 проценти имаат информација за мерки и програми што го поддржуваат развојот на руралниот туризам и се достапни за користење од заинтересираните страни, а четири отсто од сопствениците некогаш аплицирале за користење средства од државата и тоа само за две програми, ИПАРД и Програмата за рурален развој.
– Мерките и поддршката од Министерството за економија остануваат целосно непрепознаени и неискористени на терен. Тоа се докажува и со најчестите одговори кои што беа забележани на прашањето “Зошто не сте аплицирале за користење на мерки или средства за финансиска поддршка?“, а тоа се: немам информација дека такви средства постојат, или пак, немам информација каде и како да се пријавам за користење на вакви мерки, наведува Рурална коалиција.
Според најголемиот број од сопствениците, законската регулатива што ја опфаќа дејноста рурален туризам треба да се издвои од останатиот туризам, да се создаде една поттикнувачка и овозможувачка средина за развој и промоција на овој вид туризам кој во светски рамки зема се поголем замав, а руралниот туризам да добие приоритет на стратешка гранка за развој.
Сопствениците предлагаат финансиската поддршка и соработката со институциите особено со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство да се развијат на повисоко ниво, даночната регулатива да се олесни, да се подобри и руралната инфраструктра во секој домен: од патишта, осветлување, водовод и канализација, до обележување на ваквите капацитети, се исто така дел од предлозите кои што беа дадени во процесот на истражување.
Истражувањето на перцепциите и ставовите на сопствениците на руралните капацитети, за познавањето на Националната стратегија за рурален туризам, како и за ефектите од нејзината реализација, Рурална Коалиција ги презентира денеска во Росоман и Штип, во рамки на проектот „Стратешкиот развој на руралниот туризам основа за комплементарно поврзување и надополнување на индустриската политика и одржливиот развој на Македонија“, финансиски поддржан од Фондацијата Претприемачки сервис за млади во рамки на проектот во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (ЈЕСНетворк+)”.
Резултатите од истражувањето ќе бидат дел од крајниот мониторинг извештај и препораките за насоките во кои треба да се движи стратешкиот развој на руралниот туризам во следниот петгодишен период, во насока на изработка на нова стратегија за рурален туризам, и ќе бидат јавно презентирани и доставени до Министерството за економија на крајот на јули 2018 година.