Меѓународни економски експерти проценуваат дека изборот на Џо Бајден за нов американски претседател ќе го зајакне економскиот раст во нивните земји, покажува истражувањето на институтот ИФО, спроведено меѓу 843 експерти од 107 земји.
Експертите очекуваат победата на демократскиот кандидат на претседателските избори во САД да го зголеми растот во 2021 година во просек за 1,16 процентни поени, се наведува во соопштението на ИФО.
„По актуелната криза со коронавирусот и нејзините драстични ефекти, испитаниците наведуваат дека претседателството на Бајден може да биде трошка надеж за глобалниот економски развој во текот на следната година“, констатираат Николас Потрафке, директор на Центарот за јавни финансии и економска политика на ИФО, и неговите колеги во написот за списанието „Шнелденст“.
Меѓутоа, испитаниците во САД не очекуваат значителни промени во однос на растот во нивната земја, предвидувајќи вкупен позитивен ефект од само 0,98 процентни поени.
Потрафке истовремено посочува дека во периодот од 1949 до 2012 година, економскиот раст под демократските претседатели во САД бил за 1,79 процентни поени поголем отколку кај републиканските претседатели.
„Под претпоставка дека овој образец продолжува, тогаш погледот во минатото сугерира зголемување на стапката на раст во времето на демократот Бајден отколку во вториот мандат на републиканецот Трамп“, се наведува во студијата.