Свежо овошје и зеленчук, конзервирани, млечни и месни производи, како и пијалаци, ќе бидат дел од првата пратка со која на 23 март годинава и официјално ќе се отвори Македонскиот изложбено-трговски дом во Москва.
Како што беше истакнато на денешната презентација што ја организираше Македонско-руската стопанска комора, Домот се наоѓа во комплексот „Фуд сити“, своевиден трговски град кој зафаќа 90 хектари површина и во кој се лоцирани сите странски извозници и дистрибутери кои тргуваат со Русија. Македонските компании, најпрво 20, ќе добијат целосна комерцијална, царинска и правна поддршка за пласман на производите, а во Домот ќе може да ги изложат и складираат за да им бидат веднаш достапни на деловните руски партнери.
– Конечно ја реализиравме идејата што постои со децении, да имаме производи пред руските стопанственици во секое време. Со неа практично им излегуваме во пресрет на нашите членки чии барања и сугестии постојано ги следиме, а нивниот основен интерес е да се зголеми извозот на овој голем пазар, изјави извршниот директор на Комората Дејан Бешлиев.
Предлогот за Изложбено-трговскиот дом произлегол, информира Бешлиев, од Евроазискиот деловен совет кој е поддржувач на „Фуд сити“, а се реализирал во рамки на соработката официјализирана со Меморандумот потпишан меѓу Македонско-руската стопанска комора и Московската стопанска комора.
– Се ова го правиме за натамошно поттикнување на македонскиот извоз во Руската Федерација кој бележи висок раст во последните четири години, тенденција која очекуваме да продолжи, напомена Бешлиев.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков кој беше гостин на промоцијата, последните трендови во размената покажуваат зголемување на вредноста на извезените земјоделски производи за 72,8 отсто. Тоа, напомена Цветков, се должи првенствено на зголемениот извоз на јаболка, домати и цигари. Минатата година е постигнат и највисок извоз на прехранбени производи, вреден вкупно 30 милиони евра.
– Нашето земјоделско производство е комплементарно и се надополнува со руското. Од тие причини сметаме дека пред нас постои голем потенцијал за натамошна соработка, а досегашните резултати се само добра основа за тоа, истакна министерот, дополнувајќи дека по усогласувањето на стандардите за безбедност на храната со Русија, од лани се отвори и патот за извоз на македонски млечни и месни производи, а нашите компании ги склучија првите договори за пласман.
Во однос на Македонскиот изложбено-трговски дом, Цветков рече дека очекува овој простор да овозможи постојано присуство на голем асортиман македонски производи кои, укажа, се синоним за квалитет, вкус и гаранција за правилен избор на потрошувачите.
Претставниците на Московската стопанска комора и Евроазискиот деловен сојуз, Роман Викторович Дунко и Виктор Тузарович Камболов, кои престојуваат во Скопје по повод презентацијата на Македонскиот изложбено-трговски дом, изразија надеж дека македонските извозници ќе ја искористат шансата и во овој проект ќе пронајдат партнер за продажба на нивните производи.
– Ние имаме претстава со какви пречки и тешкотии може да се соочат македонските извозници во Русија. Затоа, на секаков начин се трудиме да дадеме поддршка и да обезбедиме транспарентен бизнис со кој може да се градат односите, изјави Викторович Дунко.
Македонија и Русија имаат слични култури што е многу важно, потенцира, за воспоставување и градење односи.
Викторович Дунко и Тузарович Камболов деновиве имале средби и со владини претставници на кои, како што рекоа, била потврдена заемната поддршка за македонските извозници.
На презентацијата на Македонскиот изложбено-трговски дом присуствуваа рускиот амбасадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак, македонскиот амбасадор во Руската Федерација Гоце Карајанов, вишиот советник на потпретседателот на Московската стопанска комора Илја Владимирович Платонов, претседателот на управата на Евроазискиот деловен сојуз Виктор Тузарович Камболов, како и на менаџментот на „Македонски дом“ од Москва Инна Жарова.