Исполнетоста на туристичките капацитети на охридско-струшкото крајбрежје за велигденските празници е добар показател за претстојната туристичка сезона, смета претседателот на ХОТАМ Крсте Блажевски.
Според него, исполнетоста на туристичките капацитети била максимална и покрај лошото време.
– Покрај лошите временски прилики исполнетоста беше максимална и во очекуваното ниво. Имаме уште еден успешен почеток на сезоната. Велигденските празници секогаш го означуваат почетокот на туристичката сезона, изјави Блажески.
За претстојната сезона, нагласи дека имало намалувања за закуп на соби од странските тур оператори за мај и јуни, но претседателот на ХОТАМ се надева дека со новиот оператор Томас Кук ќе се исполнат капацитетите и ќе се достигне бројот на ноќевања од лани.
– Почетокот покажуваше некои намалувања на закуп на соби од странските тур-оператори Туј и Корендор за холанѓаните, кои ни се побројни готи. Тоа беше за мај и јуни, за јули август и септември останува да видиме како ќе се одвиваат работите. Имаше намалување од 20 до 25 отсто со бројот на собите , но тој број се надополнува со новиот тур оператор, Томас Кук. Сметаме дека на крајот на сезоната кога ќе се преброиме ќе се повтори 2015 по број на ноќевања, истакна Блажески.
Тој подвлече дека Охрид стана дестинација опфатена во Балканските кружни тури, за кои оцени дека има голем интерес, но и дека Скопје влегува во групата атрактивни градови со речиси ист број на ноќевања како Охрид.
– Балканските кружни тури од ден во ден се помногубројни и има голем интерес за нив, така што се добива голем број ноќевања од нив. Скопје влегува во еден од атрактивните градови што се посетува во тие кружни тури. Скопје достигнува број на ноќевања скоро колку Охрид и тие ни се две главни дестинации во Македонија, за останатите треба плнирање и работа како да се остварат повеќе ноќевања и што да им се понуди на гостите, рече Блажески.