Холандската компанија за производство на пиво „Хајнекен“ денеска соопшти дека планира да отпушти 8.000 вработени, што е речиси 10 проценти од нејзината глобална работна сила, поради падот на профитот и приходите во 2020 година под влијание на пандемијата на Ковид-19.
Од Хајнекен посочуваат дека планираните отпуштања се дел од програмата за преструктуирање насочена кон намалување на трошоците, откако компанијата забележа нето загуба од 204 милиони евра (248 милиони американски долари) во 2020 година, во споредба со нето добивката од 2,17 милијарди евра годишно една година претходно.
Поради затворањето на баровите и пабовите ширум светот за време на блокадата поради коронавирусот и забраната за алкохол на некои пазари, продажбата на „Хајнекен“ минатата година падна за 8,0 проценти во споредба со 2019 година. Приходите паднаа за речиси 17 проценти, на 23,8 милијарди евра.
Прилагодената оперативна добивка, еден од омилените индикатори на компаниите со исклучок на вонредни и други еднократни ставки, забележа органски пад од 36 проценти, на 2,42 милијарди евра, од нивото од 4,02 милијарди претходната година.
Компанијата очекува укинувањето на работните места да ги намали трошоците за околу 350 милиони евра годишно.
Извршниот директор Долф ван ден Бринк ја опиша 2020 година како „година на нарушување и транзиција без преседан“ за пиварската индустрија.