Гувернерката на НБРМ на Конференцијата за европска економска интеграција

Од:

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска денеска и утре ќе учествува на Конференцијата за европска економска интеграција, која по петнаесетти пат ја организира Австриската централна банка. Конференцијата, како што соопшти НБРМ, важи за еден од најзначајните настани во централнобанкарската заедница на кои традиционално се дискутира за прашања клучни за европската економија.

Годинашново издание на Конференцијата е со тематска одредница „Како да се финансира кохезијата во Европа“. Следниве два дена, во Виена, гувернери и други високи претставници на повеќе централни банки, професори и истражувачи на реномирани универзитети и истражувачки центри, како и претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и организации ќе дискутираат за тоа како може финансиските текови да ѝ помогнат на Европската Унија во промовирањето економска, социјална и територијална кохезија и солидарност меѓу земјите членки.

Од НБРМ наведуваат дека одделно внимание ќе биде посветено и на прашањето како да се унапреди и финансиски да се поддржи приближувањето на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната. На панел-дискусијата на која говорник ќе биде гувернерката на НБРМ, акцентот ќе биде ставен на улогата на монетарната политика во ова приближување. Своите видувања на оваа тема, покрај гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе изложат и гувернерите на централните банки на Романија и Бугарија, Мугур Исареску и Димитар Радев. Оваа панел-дискусија ќе се одржи веднаш по отворањето на Конференцијата на кое покрај австрискиот гувернер Евалд Новотни и австрискиот министер за финансии Хартвиг Лeгер, ќе се обрати и членот на Извршниот одбор на Европската централна банка, Беноа Кере.

Во рамки на Конференцијата ќе се дискутира и за други прашања важни за европската економија, меѓу кои се и прашањата дали и како да се запре деиндустријализацијата во ЦИЈИЕ и во еврозоната, како подобро да ги задоволи регионалната политика на ЕУ постојаните инвестициски потреби, кои политики можат да ги поттикнат инвеститорите да придонесат за економски и социјален развој и кои институционални и структурни промени можат да ги зголемат капацитетите на земјите од ЕУ за апсорбирање на средствата.

-Гувернерката Ангеловска-Бежоска, која меѓу говорниците на Конференцијата е и единствениот висок претставник на институција на земја којашто не е членка на ЕУ, активно ќе се вклучи и во дискусијата за некои од овие прашања. Нејзиното учество на овој настан е уште една потврда дека НБРМ успешно чекори по патот којшто води до Европскиот систем на централни банки, стои во соопштението од НБРМ.

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка