Резервоарите за складирање на нафта во светот се речиси полни и наскоро вишокот нема да има каде да се чува, што значи дека побарувачката ќе се намали, а цената ќе падне, пишува „Волстрит журнал“.
Причината за ваквата состојба е што понудата на нафта ја надмина потрошувачката со 1,55 милиони барели дневно. Затоа во САД резервите на црното злато се на највисоко ниво во изминатите 80 години, а складишта во земјата се пополнети на 70%.
Според податоците на „Ситигруп“, иста е ситуацијата и во Европа, каде нaфтените складишта се полни 90%, додека во Јужна Кореја, Јужна Африка и Јапонија- до 80%. Наскоро нема да има каде да се прибере вишокот нафта и тоа ќе ги погоди цените, предвидуваат експертите.
Според предвидувањата на Светската енергетска агенција, кон средината на 2015 година залихите на нафта и нафтени деривати во светот ќе го повторат рекордот од август 1998 година, кога во резервоарите имаше 2.83 милијарди барели и цената беше 13 долари. Ова ќе ги доведе цените на околу 20 долари за барел, велат експертите, земајќи ја предвид инфлацијата од 1998 година досега.