Г20 ги предупредуваат САД да избегнат банкрот, Обама и републиканците се уште без решение

Од:

Американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа се сретна со претставници на републиканците од Сенатот и телефонски разговараше со лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Џон Бојнер во време кога преговорите за избегнување на потенцијалниот банкрот во САД стануваат се поинтензивни.

Од ситуацијата засегнати се и стотина илјади федерални службеници кои во моментов не работат и не примаат плата откако е прекината работата на Владата поради актуелниот спор меѓу претседателот на САД и републиканците во Конгресот.

За преговори останаа уште пет дена, а доколку не се најде решение за зголемување на стапката на задолжување до 17 овој месец, САД ќе влезат во технички банкрот, што веројатно ќе ја погоди и глобалната економија. Американските медиуми пишуваат дека двете страни наводно се наоѓаат пред договор, но се уште не е постигнат консензус по прашањето на должината и условите на краткорочното решение со кое би се зголемил лимитот на задолжување и повторно да почне владата со работа.

Американските медиуми пренесуваат дека е „тешко да се процени конкретниот прогрес во преговорите“, бидејќи обете страни не сакаат во јавноста да излегуваат со детали. Но, и двете страни изразија оптимизам, па се истакнува дека законодавците ќе работат и во текот на викендот за конечното решение да може да се претстави кон почетокот на следната недела.

Републиканците предложија привремено решение – зголемување на лимитот на задолжување на шест недели, но Обама бара подолг период. Од друга страна, републиканците инсистираат на тоа Белата куќа да претстави мерки за намалување на дефицитот.

Од Белата куќа истакнуваат дека рококот од шест недели е прекус, бидејќи во тој случај истите проблеми би се јавиле за време на празничните пазарења, а познато е дека „шопинг грозницата“ е една од важните компоненти на американската економија.

Економистите предупредуваат дека американскиот технички банкрот би создал „глобален економски хаос“. Предупредување стаса и од групацијата на најголеми светски економии, Г20. За време на вчерашниот состанок на министрите на финансии од Г20, испратена е порака до САД дека банкротот треба да се избегне. „САД мораат да преземат итна акција за да се адресира краткорочната фискална несигурност“, се наведува во изјавата.

Антон Силуанов, министер за финансии на Русија, која годинава претседава со Г20, рече дека со оваа порака се испраќа „генерална желба за брзо решение“.

– Веруваме дека американската администрација и Конгресот ќе пронајдат заедничко прифатливо решение, потенцираше тој.

Би можело да ве интересира

Студентот обвинет за палење автомобили на „Тесла“ се соочува со голема затвор

Горан Наумовски

РИА: Статистиката покажува дека САД се три пати повеќе зависни од увоз од Кина отколку обратно

Кина се противи на какви било договори меѓу САД и други земји на нејзина штета

Нов удар од Кина врз САД, стопиран извозот на ретки метали

Предраг Петровиќ

Започнуваат најважните мировни преговори меѓу Европа и САД

Блумберг: САД ги намалуваат проценките за долгот на Украина за 200 милијарди долари