Поради висок морталитет меѓу стечајните работници, тие не го дочекуваат долгоочекуваното обесштетување од државата, кое им следува според уставот.
Бројот на стечајци во меѓувреме се преполовил затоа што стапката на морталитет кај овие граѓаните се движи до 46 отсто. Се намалува членството и поради тоа што дел од нив добиваат инвалидски пензии поради здравствени проблеми.
Над триста стечајци денеска маршираа во центарот Скопје со барање конечно да бидат обесштетени. Масата луѓе протестираше пред Министерството за труд и социјална политика и пред Владата. Бараат нови мерки кои ќе ги опфатат сите, а не само издвоени групи.
Тие бараат промена на пакет мерките кои ги најави Владата така што жените над 58 годишна возраст и мажите над 60 годишна возраст да одат веднаш во пензија наместо да им се овозможи вработување во фирми каде државата ќе ги плаќа придонесите.
– Теретот ќе падне на работодавците. На овој начин ќе се заштитат работодавците затоа што стечајните работници воглавно се болни луѓе кои не работеле по десет години. Тоа ќе биде помал трошок и за државата и за работодавецот. Се работи за болни и стари луѓе, сигурно ќе одат на боледување. Имаме со срцеви, со хронични заболувања, дијабетичари – изјави денеска претседателката на здружението на стечајци од Куманово, Лилјана Георгиевска.
За помладите стечајци, Георгиевска предлага да бидат обесштетени така што ќе добиваат од државата по 6.000 денари месечно се до нивно вработување.
– Бараме сите веднаш да се обештетиме затоа што ние со години го чекаме тоа, по десетина години стечајците никаков денар немаат земено. Не бегаме од вработување, но тоа е забавен процес и затоа бараме веднаш да се обештетиме. Бевме 6 илјади но членството ни е преполовено поради инвалидска пензија и смртност. Имаме над 46 отсто морталитет, оставени сме на маргини на општеството иако по член 32 од Уставот ни следува да бидеме обесштетени. Некој упорно се изигрува со нас. Треба еднаш засекогаш да се обесштети оваа категорија на работници – порача Георгиевска.
Таа најави дека од утре во повеќе градови низ Македонија ќе бидат отворена петиција за потписи со поддршка кон стечајните работници која потоа ќе биде доставена до Уставен суд. Стечајците ќе се вклучат и на утрешниот протестест по повод Денот на трудот, кој го организираат левичарските движења „Солидарност“ и „Ленка“.
Маја Васева