Финансиските експерти со предупредувања до САД поради буџетската криза

Од:

Со приближувањето на 17. октомври, кога САД би можеле да банкротираат доколку во меѓувреме не биде постигне некаков политички договор за буџетската криза, растат повиците до двете американски партии да постигнат договор и да го спречат најлошото, јави дописникот на МИА.

– Последиците од американскиот банкрот би биле крајно сериозни. Ве молиме размислете за политиките и надвор од Белтвеј (Вашингтон) и подалеку од вашите изборни единици. Навистина размислете какви последици вашата пасивност ќе има врз сиромашните мајки во Африка, кои се обидуваат да ги прехранат своите деца. Ќе предизвикате последици за младите мажи и жени кои се обидуваат да отворат бизниси на Блискиот Исток. Ова е сериозно, нема да има само теоретски последици, туку и реални, изјави претседателот на Светската банка, Џим Јонг Ким, кој со сериозните закани и се придружи на директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

Без договор, американскиот Секретаријат за финансии веќе од 17 октомври нема да може да позајмува пари за нови задолжувања и ќе може само да ги репрограмира старите долгови. Бидејќи САД функционираат со голем дефицит, се проценува дека во овој случај, до крајот на октомври САД ќе останат без доволно пари за да ги покријат преземените обврски, независно дали тоа се враќањето на надворешниот долг, исплатите за армијата, социјалните програми или дискрециските програми.

Кина и Јапонија веќе упатија слични предупредувања до САД. Жу Гуангјао, заменик министерот за финансии на Кина, на која отпаѓа најголем дел од американскиот надворешен долг, изјави дека мора да биде најдено решение за да се гарантира безбедноста на кинеските инвестиции во САД.

Обама вчера се обиде да внесе малку стабилност во драмата во Вашингтон најавувајќи го името на новиот претседател на Управата на федералните резерви (ФЕД). Местото на Боб Бернанке првпат ќе го земе жена, професорката Џенет Јелен, која сега е една од неговите заменици на место прв човек на американската централна банка. Нејзиното име излезе на површина, откако претходниот фаворит Лоренс Самерс се соочи со сериозни критики во Сенатот поради неговите премногу конзервативни ставови во минатото.

Федералните резерви се соочени со обврската да ја запрат праксата на т.н. квантитативно олеснување, со која ФЕД секој месец ги поткрепува берзите во САД, купувајќи обврзници пред се на американските банки за околу 85 милијарди долари. Оваа политика, која претставува своевидно печатење на пари, требаше да запре или барем да биде намалена уште минатиот месец, но Бернанке неочекувано се откажа од оваа одлука.

Се стравува дека крајот на ова помагање на берзите би било уште еден шок за американската економија, покрај споровите за долгот, за буџетот и за здравствените реформи „Обамакер“.

Во ваква атмосфера, во Вашингтон утре треба да почне редовната годишна средба на ММФ и на Светската банка, на која ќе присуствуваат гувернери на централните банки од целиот свет, голем број економски експерти и политичари. Се очекува политичката криза во САД и презадолженоста на западните земји да бидат главна тема на состаноците и панел- дискусиите.

Од македонска страна, на средбите ќе учествуваат вице-премиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и гувернерот ма Народната банка, Димитар Богов.

 

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак