Европа на нозе за „Јужен тек“, Македонија молчи

Од:

По изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија е принудена да се повлече од проектот „Јужен тек“, поради тоа што Европска Унија не сака да ја поддржи изградбата на гасоводот, денеска реакции пристигнаа од повеќе засегнати страни, пренесе агенцијата Мета.

– Ако Европска Унија не сака да го спроведе проектот „Јужен тек“, тогаш нема да биде спроведен. Всушност, не само што Европската комисија не обезбеди помош во спроведувањето на проектот, туку создаваше пречки – рече Путин.

Од македонската влада сè уште нема реакција на оваа одлука на Путин, тврди „Радио Слободна Европа“, анализирајќи дали е доведена енергетската сигурност на земјава во неизвесност со оглед на тоа дека главните владини надежи беа насочени кон овој руски проект.

– Македонија сега мора да најде начин да се поврзе на некој постојан гасовод или на некој друг иден кој ќе поминува во наша близина – вели за РСЕ, професорот Атанаско Тунески, кој смета дека во меѓувреме државава требало да води разговори и за приклучување кон други гасоводи.

Денеска реагирапе СДСМ според која земјите во регионот објавуваат алтернативни решенија за снабдување со гас, заради најавите дека Русија се откажува од реализацијата на Јужен тек, а врвот на власта во Македонија молчи.

„Тоа покажува дека Владата на Никола Груевски нема стратегија за алтернативно снабдување на земјата со гас. Бараме власта што побрзо да им одговори на граѓаните зошто дозволи Македонија да остане без стратегија за алтернативно снабдување со најевтиниот енергенс, гасот? СДСМ неколку пати посочува дека за Република Македонија е корисно да има приклучок и на Трансјадранскиот гасовод ТАП. Земјата треба да инсистира ТАП да поминува низ Македонија и тоа со клучниот цевковод. СДСМ апелираше, уште во септември 2013 година, дека со ратификување на спогодбата за гасоводот Јужен тек Македонија ќе влезе во авантура од која може да излезе само како губитник“, реагираат од партијата.

При посетата на премиерот Никола Грувеки на Русија, во јуни 2012 година, беше постигнат договор еден крак од „Јужен тек“ да поминува и низ Македонија. Тогаш, според најавите од премиерот, „Газпром“ подготвил нацрт-договор за приклучување на Македонија кон проектот „Јужен тек“. На средбата меѓу Груевски и директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, беше соопштено дека двајцата соговорници изразиле задоволство од досегашната соработка и подготвеност и заложба за интензивирање на процесот за приклучување на Македонија во овој проект.

За шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, пак, гасоводот е многу важен за Србија бидејќи земјата нема алтернативен правец на снабдување освен тој од Украина.

Тој се надева дека со дополнителни разговори ќе дојде до договор меѓу Европска Унија и Русија за изградба на гасоводот „Јужен тек“.

Европската комисија, пак, ја проучува вчерашната одлука на претседателот на Русија, но останува на претходниот став за овој проект, изјави денеска портпаролката на Комесарот за енергетика, Ана Кајзер.

– Ја примивме пораката на Русија и понатаму остануваме на ставот дека сите такви проекти мораат да бидат изведени во согласност со европските закони – рече Кајзер.

Претседателот на управниот одбор на „Газпром“, Алексеј Милер, и претседателот на одборот на директори на турската нафтена корпорација „Ботас“, Мехмед Кону, во Анкара вчера потпишаа меморандум за разбирање за подморски гасовод под дното на Црно Море до Турција.

„Новиот гасовод ќе биде со капацитет од 63 милијарди кубици, а 14 милијради кубни метри гас ќе бидат наменети за турските потрошуваши. Речиси 50 милијарди кубни метри ќе бидат транспортирани до границата помеѓу Турција и Грција, каде ќе биде организирана испорака за други земји“, стои во соопштението од „Газпром“.

Меморандумот беше потпишан во присуство на рускиот и на турскиот претседател, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган.

„Јужен тек“ требаше да почне во декември годинава во Русија, во деловите каде ќе бидат изворите на гас, и постепено, до крајот на 2015 година, да заврши комплетно. Проектот предвидуваше два крака. Едниот од Русија треба да поминува низ Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и низ Австрија, а вториот преку Грција и Албанија да оди до Италија.

Би можело да ве интересира

Антиќ-Сијарто: Подготвени сме за Јужен тек, но не зависи се од нас

Наум Локоски

Гасовод од Грција преку Македонија и Србија алтернатива за „Јужен тек“

Ана Ололовска

Србија и Бугарија да му ги вратат на „Газпром“ парите вложени во Јужен поток

Емир Латифовиќ

Јужен тек – засега најскапата жртва на заострените односи на ЕУ и Русија

Ана Ололовска

За гасот има алтернативи, но треба посериозно да се работи на нив

Емир Латифовиќ

Србија потроши 30 милиони евра во пропаднатиот проект Јужен поток

Емир Латифовиќ