EUobserver: Македонија добила предупредување од ЕУ поради „Јужен тек“

Од:

Македонија стана последната балканска земја која доби предупредување од Европската унија (ЕУ) за последиците од градењето на гасоводот „Јужен тек“ во поглед на евроинтеграциите, ги пренесе Макфакс пишувањата на EUobserver.

Претседателот на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) Јанез Копач во четвртокот изјавил дека договорот кој Скопје го има со Москва „не е во согласност“ со европскиот закон за енергетика. Копач додал дека договорот кој земјата го има со ЕЕЗ, „и’ наложува да ги примени овие правила“.

Според бриселската агенција dtt-net.com, претседателот на ЕЕЗ изјавил дека „Македонија ќе мора да се повлече од овој договор или, пак, повторно ќе треба да преговара за истиот доколку сака да стане членка на ЕУ“.

ЕЕЗ е организација во која членуваат 28-те земји членки на ЕУ, потоа земјите кандидати од Западен Балкан, како и Молдавија и Украина, потсетува EUobserver.

Гасоводот „Јужен тек“ е проект кој ќе спроведува руски гас под Црното Море, преку Бугарија и Србија до срцето на ЕУ, а потенцијални гранки на гасоводот може да има и до Босна и Херцеговина (БиХ), Македонија и Црна Гора.

Според ЕУ, актуелниот модел со кој руската фирма „Газпром“ поседува најмалку 51 процент и ги контролира производството и дистрибуцијата, е против правилата на ЕУ со кои се стопира монополот и влијанието врз цените.

Изјавата на претседателот на ЕЕЗ, Копач, дојде веднаш по средбата на претставниците на „Газпром“ со македонските власти во четвртокот. Двете страни се убедени дека изградбата на гасоводот ќе се реализира според планираното.

Европската комисија (ЕК) на 30-ти септември упати и фомално писмо до македонските власти, во кое ја изразува својата загриженост.

„Јужен тек, како и кој и да е поголем инфраструктурен проект во Европа, може да биде направен само во согласност со правилата на ЕУ. Гасоводите кои се градат спротивно на правилата на ЕУ претставуваат опасност за функционирањето на внатрешниот пазар“, порачале европските претставници.

ЕЕЗ и Европската комисија упатија и слични критики до БиХ и Србија.

„Треба да биде јасно уште од почеток дека Србија нема да може да го продолжи патот кон ЕУ без претходно да го доведе договорот за Јужен тек во согланост со европското право“, изјави Копач на почетокот од октомври.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, претходно порача дека се надева на договор со европските лидери, но во меѓувреме „Газпром“ продолжува со изградбата на дел од гасоводот.

Би можело да ве интересира

Антиќ-Сијарто: Подготвени сме за Јужен тек, но не зависи се од нас

Наум Локоски

Гасовод од Грција преку Македонија и Србија алтернатива за „Јужен тек“

Ана Ололовска

Србија и Бугарија да му ги вратат на „Газпром“ парите вложени во Јужен поток

Емир Латифовиќ

Јужен тек – засега најскапата жртва на заострените односи на ЕУ и Русија

Ана Ололовска

За гасот има алтернативи, но треба посериозно да се работи на нив

Емир Латифовиќ

Србија потроши 30 милиони евра во пропаднатиот проект Јужен поток

Емир Латифовиќ