Босна и Херцеговина е пред колапс, драматично предупредуваат релевантни економски аналитичари од таа земја, укажувајќи на тоа дека на наплата дошле сите години на неработење и „живот на кредит“, но и поради перманентната политичка криза во БиХ, пренесува информативниот портал кликс.ба.
Исплатата на платите на корисниците на федералниот буџет доцнале 15 дена, а во одделни државни и федерални органи и јавни претпријатија веќе е најавено намалување на платите. Поради неможноста да ги платат сметките на одделни претпријатија, установи и организации им се заканува исклучување на телефон, вода и струја. Така на сараевското претпријатие Водовод и канализација веќе му е исклучена струјата поради долгови кон Електродистрибуција.
Речиси секоја недела пред Владата на Федерацијата БиХ протестираат работници, а протести се случуваат ширум цела БиХ, кои засега се мирни и не се масовни.
Сега сите во БиХ гледаат кон Меѓународниот монетарен фонд од кој на ФБиХ оваа година треба да и бидат доделени 239 милиони конвертибилни марки, а на Република Српска 120 милиони КМ. Овие средства се сметаат за спасоносни за земјата, но за да се платат долговите кон ММФ ќе мора да се оди во непопуларни кратења на трошоците, предупредуваат експертите.
Професорот по економија Вјекослав Домљан вели дека кризата во БиХ станува се поостра. „Доколкуситуацијата не беше крајно лоша, власта немаше да се обрати до ММФ. Сега ситуацијата уште повеќе се компликува. Ситуацијата со ликвидноста станува се потешка. На сите ни е јасно дека без нова транша од ММФ работите со ликвидноста ќе бидат неиздрживи за БиХ.
– Но, кога следната година средствата ќе дојдат за наплата, а станува збор за милијарда марки, ќе биде уште потешко, предупредува Домљан.
Економскиот аналитичар Дуљко Хасиќ предупреди дека ефектите на кризата се подраматично се одразуваат на БиХ. Но тој е загрижен затоашто политичките елити воопшто не зборуваат за кризата која и се заканува на БиХ.
– Во овој момент во БиХ невработени се 560.000 лица. Од тоа, дури 220.000 со висока стручна спрема. Луѓето завршуваат факултети и одат под заводот за вработување. Властите во БиХ немаат идеја како да се вработи работната сила и материјалните капацитети да се стават во функција. Должничката криза го зеде својот данок и за жал, доста од тоа, однапред е потрошено, вели Хасиќ.